Жестоки притисоци врз администрацијата за митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид!

Граѓани од Кочани, во ЦИВИЛ-Центар за слобода пријавија силни притисоци, кои што им ги вршеле претставници на власта, за да обезбедат што помасовно присуство на првиот изборен митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во понеделникот во Охрид.

„Во училишта, во јавни претпријатија, во локалната самоуправа, секаде каде што има државна администрација, раководители и директори, партиски кадри, вршеа силни притисоци врз вработени. Им се закануваа со откази, на оние кои работат со договор, на младите кои тукушто се ангажирани... Им се закануваа дека ако не одат на митингот, ќе останат без работа... Луѓето живеат во страв, многу се исплашени! Заминаа со автобуси, против своја волја, зашто немаат избор. Веруваат дека им се снима секој чекор, каде одат, со кого се дружат... Од страв ќе гласаат и на овие избори за власта, зашто ги убедуваат дека ги снимаат и во моментот на гласање“, ни изјавија жители на Кочани, кои инсистираа на анонимност.

Пријави за силни притисоци врз државната администрација пристигнуваат секој ден во ЦИВИЛ, од граѓанки и граѓани ширум Македонија.

ЦИВИЛ ги повикува граѓаните да се охрабрат и да ги пријавуваат сите злоупотреби и притисоци што ги вршат политичките партии во изборниот процес. Граѓаните кои се исплашени да говорат јавно, може злоупотребите, притисоците и заканите, да ги пријават и анонимно, на следниот линк: http://www.slobodniizbori.info

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email