Бачева-Андоновска: Македонија ризикува да остане без млади луѓе со потенцијал!

„Да се биде научник во Македонија, независно од половата припадност, е многу тешко, затоа што државата не предвидува буџет за научно-истражувачка работа“, вели Катерина Бачева - Андоновска, млада жена која во 2012 година ја доби наградата „Најдобар млад  научник“,која секоја година ја доделува претседателот Ѓорге Иванов. Таа е единствената жена која ја добила наградата последниве години.

IMG_5910

              Катерина Бачева-Андоновска

Наградата Бачева - Андоновска ја доби за научно-истражувачка работа во областа на аналитичка хемија и хемија на животната средина, со посебен акцент на испитувањата на загадувањето на животната средина во Репубика Македонија со тешки метали. Таа е родена 1984 година во Кавадарци,  магистрирала хемиски науки на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Нејзината докторска дисертација е на тема: „Дистрибуција на тешки и токсични метали во примероци од животната средина во околината на рудникот Алшар".

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Бачева - Андоновска, која е вработена е како научен истражувач во Македонската академија на науките и уметностите-МАНУ, по повод 11 Февруари - Меѓународниот ден на жени во науката.

ЦИВИЛ Медиа: Како е да се биде жена научник во Република Македонија?

Бачева - Анодновска: Како и секоја друга професија, со таа разлика што да си научник во Република Македонија (без разлика на полот) потребна е навистина голема желба и љубов за оваа професија. Затоа што Македонија е една од малкуте држави кои немаат никаков буџет за научно-истражувачка работа. А научно-истражувачката работа е невозможна без доволно средства за експериментална работа.

ЦИВИЛ Медиа: Дали поради патријахалноста на македонското општество, сте се соочиле со пречки во работата, само затоа што сте жена?

Бачева - Андоновска: И покрај тоа што може да се каже дека македонското општество е патријахално (можеби не толку, колку порано), слободно можам да кажам дека никогаш не сум се соочила со пречкки од ваков тип. Уште повеќе, во последно време, сé почесто сретнувам жени кои се занимаваат со наука.

ЦИВИЛ Медиа: Секојдневно се зголемува бројот на млади луѓе кои заминуваат од државата. Кои се причините поради кои решивте да останете во Македонија и дали размислувате да ја продолжите својата кариера во странство?

Бачева - Андоновска: Застрашувачки е фактот што секојдневно се зголемува бројот на млади луѓе кои си заминуваат од државата. Премногу јасно е дека овој тренд доведе до значително намалување на младите и образовани луѓе во кои државата инвестирала и коишто треба да го водат напредокот. Со негово игнорирање, Македонија ризикува да остане без млади луѓе со потенцијал, кои секако и се и повеќе од потребни. Не можам да кажам дека има некоја посебна причина што сé уште сум во Македонија, можеби не се откажувам така лесно. Иако никогаш не ја исклучив опцијата да ја продолжам кариерата во странство, секогаш на прво место ми било семејството кое што ми дава доволно причини да останам тука.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian