Орданоски: Aко остане истата власт, сите ќе се удавиме!

Политичкиот аналитичар, д-р Сашо Орданоски, член на експертскиот тим на ЦИВИЛ, во вториот дел од својата редовна политичка видео-анализа, во рамките на проектот на ЦИВИЛ - Центар за слобода за изборно набљудување – „Напред!“ ("Forward!"), зборува за тоталната партизација на државата, за финансискиот регрес и покрај неколку пати, енормно зголемуваниот државен буџет. Според него, не е и нема да биде извршена целосна ревизија на Избирачкиот список, поради партизираната гарнитура на МВР. Тој е дециден дека ниту ад-хок телото, нема да овозможи регулацијата во медиумите и проток на објективни информации од досегашната, пропагандна медиумска машинерија на власта...

Д-р Орданоски оценува дека сепак, овој пат, постои политичка подготвеност да се реализираат избори, зашто државата и системите се веќе неиздржливо нефункционални. Но, поентира, дека „ако и натаму остане оваа власт, тогаш сите ќе се удавиме, во наредните поплави“.

орданоски анализа 2б

„Оваа држава е партија. Партијата е поистоветена со државата и додека трае оваа партија на власт, невозможно е државата да ги врати своите ингеренции и карактеристики на еден систем, преку кој ќе се владее со дистрибуција на добрата и услугите, рамномерно и согласно со јавните интереси. Бидејќи кај нас државата е тотално партизирана, сите други реакции коишто следат во функционирање на државата, се водат според партиски принципи. Дури сега гледам дека се распишуваат и партиски сметки за помош, бидејќи доаѓа времето кога треба да следат и оправдувањата - зошто тоа се случило, па потоа, ќе се прави пропаганда од овие што биле одговорни, кој колку дал од приватен џеб, за помош на настраданите преку партиски сметки, што е за мене, еден скандал од врвна природа.

Притоа, да не заборавиме дека тие се луѓето кои ги управуваат тендерите, еве веќе, 11-та година во државата. Тие со ништо друго не се занимаваат, освен со спроведување партиски тендери од државен буџет. Од доаѓањето на оваа власт пред 10 години, буџетот е дуплиран, а сега оди кон триплирање! Ние не гледаме дека капацитетот на државата, во секоја смисла, не дека е дуплиран, туку дека е малку подобрен од она што беше пред 10 години. Напротив, гледаме регрес во разноразни сектори и области на функционирање на државата.

Што се однесува до изборите, сите фактори домашни и странски, конечно сфатија дека додека е оваа власт, не се возможни никакви подобрувања во сите констатирани области во коишто има слабости. Затоа, мислам дека некако неизговорено, но сите се согласија, да се оди на што побрзи избори, бидејќи ситуациите стануваат полоши од она што беше констатирано со Пржинскиот договор, пред повеќе од година дена. И сега, прашањето е дали ќе дозволите работите да тонат, да прогресираат и натаму, на начин што стануваат веќе неисправливи, или ќе дојдете до некоја точка во која колку-толку ќе се создадат некакви услови за избори, па потоа, од резултатите на тие избори, да почне санација на државата на политичкиот систем, на јавниот интерес во Македонија.

Мислам дека таа е фазата во која се најдовме, затоа е тоа инсистирање на 31-ви август, лидерите да се договорат за избори во декември, затоа што на сите им е веќе преку глава од оваа нефункционалност и од ова одолговлекување на оние коишто се веќе свесни дека доколку профункционира државата, тоа ќе се одрази на нивните приватни слободи и нивната одговорност за тоа што го правеле во последните 10 години од владеењето.

На сите им е јасно дека вистинска ревизија на Избирачкиот список не е направена и дека веројатно не е ни можна додека трае оваа ситуација со ваквата власт во Македонија. Не заборавете дека тој список не ни може да се ревидира без функционално МВР. Таму треба да постои одредена политичка волја, за податоците со кои суверено владее МВР, да ги достави, да ги ревидира до Државната изборна комисија, за ДИК да направи еден кредибилен изборен систем.

Но, тоа нема да се случи се додека МВР работи со партиска гарнитура. Тогаш, веројатно ќе се реши да се оди со овие половични решенија, кои секако носат лоши резултати. Но, гледам дека постои една политичка подготвеност, макар и за половични решенија, бидејќи нема да има никакви други решенија и затоа сега се оди на ова.

Што заклучивме? Прво, веројатно неколку десетици илјади луѓе со лажни лични карти не ќе може да гласаат повеќе на избори. Мислам дека таа работа е констатирана, за што ќе следат и легални истраги. Тоа ќе бидат едни од поголемите предмети, коишто ги води Специјалното Јавно обвинителство.

Второ, констатираме една база од преку 100.000 луѓе, кои веројатно не се тука повеќе од 10 години и кои веројатно се злоупотребувале на сите минати избори, во последните 10-ина години, за да се претстават дека се тука, а всушност, во нивно име се гласа според одредени партиски интереси. И тоа, сега, мислам, во извесна смисла ќе биде лимитирано. И мислам дека генерално ќе се поткрене свеста во јавноста за важноста на тоа, колку-толку да се провери кој и каде живее, се констатираа станови со 50 луѓе, се констатираа луѓе со повеќе лични карти и тоа ќе има одредено влијание...

Доколку владејачката структура (оваа Влада) не биде во можност да го користи МВР за време на изборите, на предизборната кампања и на денот на изборите, мислам дека ќе им биде оневозможено, отежнато, едно најпростачко крадење гласови, коешто го правеа со помош на овие служби и нивните капацитети.

Ние ќе одиме на една колку-толку санирана ситуација која нема да даде никакви идеални решенија, но се надеваме, дека по падот на оваа власт, ќе дојде до ревидирање и санација на тие важни државни системи, како што се изборните списоци, изборните комисии, работата на МВР итн.

орданоски анализа 2а

 

Нема никакви изненадувања во смисла на поплавите и работата на медиумите. Се покажа дека медиумите се најдобриот дел од работата на власта, пропагандна машинерија којашто само за тоа се користи, за пропаганда на власта. Таа машинерија релативно добро си го одработи својот дел од работата, имаше и тука некои пропусти, не беа во 100 отсто пропаганден капацитет, бидејќи реално, ситуацијата беше тешка. Но, прашањето сега не е, дали медиумите си ја изработија својата пропагандистичка задача, туку колку ним им се верува?

Едно ниво е колку им веруваат луѓето кои се погодени од оваа непогода, а тие знаат точно, бидејќи тие се на теренот и тие се жртвите. Иако тие сега немаат ни време да гледаат и слушаат разни медиуми, сепак, имаат сопствена оценка за тоа што точно се случувало. И второ, колку сега пошироката јавност, наспроти ова што целата пропагандната машинерија го пропагира, верува во тоа што го гледа.

Морам да кажам дека во Македонија веќе нема никој право да каже дека немал информација, или дека не знае што се случува. Не верувам дека по толку години власт и по такво соголување на целиот пропаганден апарат, прашање е сега - колку некој навистина сака приватно да биде во заблуда и да биде заведен од своите интереси, морални вредности, во смисла, дали ќе им верува или не, на пропагандните медиуми.

Видовме дека фирмата која што требало да чисти канали, има истовремено и најголема приватна телевија, која е директна испостава на власта. И сега, кога не чистите канали, а правите телевизија која ќе и служи на партијата на власт, барем таму треба да се покажете дека сте добар и да ги оправдате парите кои ви биле дадени. Не видов никакви екстра манипулации од она што сме навикнати, сега ситуацијата е дотолку полоша што се работи за трагедии, човечки животи, непроценливи штети... Но, нема право никој да биде изненаден, ниту морално шокиран, ниту политички скандализиран... Тоа ни се случува со години наназад и затоа сме стигнати до таму до каде што сме стигнати и во капацитетот на државата да се справи со вакви околности, бидејќи медиумите цело време не се во корист на јавноста, туку се во функција на пирамидалниот апарат на чиј врв стои господин Груевски, кој сака да претстави дека од него зависи животот и смртта во Македонија.

Повеќе пати кажувам дека ад-хок телото е едно несоодветно решение дека е во извесна смисла и глупост, но тоа е произлезено од овој тип на политичка потреба, барем нешто да се направи во таа област. Не верувам дека ќе има какви било ефикасни последици од работата на тоа ад-хок тело, тоа само ќе продлабочи одредени политички конфликти, коишто ние и вака ги знаеме. Но, веќе навикнавме на импровизации во важни области, па и ова настојуваме да го прифатиме како преодна фаза, до падот на оваа власт.

Ако остане оваа структура на власт во Македонија, ние еден ден сите ќе се удавиме во некоја наредна поплава. Ако оваа власт си замине, ќе видиме со наредните што ќе правиме, за овие поплави да немаат вакви трагични последици. Се уште нема гаранции дека идната власт ќе биде многу подобра од оваа. Но, сигурен сум дека кога оваа власт ќе падне, следните, многу поефикасно ќе ги контролираме во тоа што ќе прават. Ако на наредните избори се случи повторно да победи сегашната владејачка структура, можеби купувањето гуми и складирањето шишиња вода на некои повисоки места, каде што не фаќаат поплавни води, ќе биде попаметно, отколку политички анализи и жалопојки за состојбата во Македонија“.

 

Обработка на текст: Моника Талеска

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Владо Крстевски

Фото: Џабир Дерала


 

german-cooperation-logo-cОваа анализа е дел од проектот „Напред!“ чија основна цел е да овозможи долгорочен мониторинг, анализи и препораки кои се однесуваат на општествено-политичките настани и процеси во изборен контекст. Проектот е финансиран со германски средства на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.
Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian