Се кине каде што е најтенко!

Фета Зеќири од Велес е скаран со своите сопствени родители, затоа што во текот на студените зимски денoви, потрошил многу струја, бидејќи неговото шестчлено семејство се греело со греалка. Тој нема средства за преживување, а сега и неговите родители се доведени во ситуација да не можат да ги плаќаат ни сопствените режиски трошоци...

Фета живее во истата трошна куќарка со родителите, но има посебен влез во неговата соба од 10 метри квадратни, каде што живее со сопругата и со четирите малолетни деца. Тој вели дека откако со семејството се вратил од Австрија, каде што биле азиланти, во Велес едвај преживуваат со социјална парична помош од 3.200 денари.

DSC_0374Додека бил во Австрија, пронајдена му е срцева маана, и итно бил подложен на кардиолошка операција. По успешната интервенција, семејството било екстрадирано назад во Македонија. Фета вели дека на австриските власти се обидел да им ја објасни катастрофалната економската ситуација во Македонија, и дека тој, неговото семејство и неговите роднини, живеат ептен мизерно, но според австриската полиција, „во Македонија имало убав живот и постојани вработувања“.

Фета и сопругата, во Австрија добивале парична помош од по 350 евра, а за четирите малолетните деца добивал по 250 евра. Кога се вратиле во Македонија, во Центарот за социјални работи поднеле барање дури шест пати за еднократна парична помош, но добиле само еднаш - 700 денари!

Според семејството Зеќири, пред неколку недели, некоја  хуманитарна организација делела прехранбени пакети и брашно во ромската населба во Велес, но, тие не добиле никакви прехранбени продукти, затоа што не биле на списокот на Центарот за социјална работа.

Фета ни изјави дека на последните избори гласал за актуелниот градоначалник на Велес од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што целата улица каде што живее - гласала за него. Тој истакна дека пред избори, претставници на политички партии ги посетувале и им ветувале вработување, но и дека повеќе не им верува на нивните лажни ветувања и дека нема да гласа за никого, а нема да дозволи ни членовите на неговото семејство да излезат на гласање.

Децата на Фетах не посетуваат настава, затоа што училиштето им е далеку секој ден да одат пешки, но и затоа што немаат пари за ужинка, за обувки и алишта, тетратки... Неговата сопруга потенцира дека немаат услови за децата да се образуваат поради лошата финансиска состојба.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=W4nwTm7RxZw[/youtube]

Фетах има 38 години и нема ниту еден ден работен стаж. Досега работел приватно. Неговото здравје е нарушено и не смее да крене повеќе од три килограми, но тоа, според него, не било доволно за инвалидска пензија. Побарал пензија, но бил одбиен - со образложение дека мора да биде неподвижен за да ја добие потребната помош. Тој тврди дека не знае повеќе каде да се обрати, бидејќи вели дека не е здрав за да работи, но, според државата, е и „недоволно болен“ за да прима инвалидска пензија.

Амет Зеќири, таткото на Фета, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека се обратил за помош до градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, но тој не го ислушал. Зеќири се понадевал дека градоначалникот ќе ги исполни ветувањата од предизборната кампања и дека ќе им помогне на сите кои имаат потреба. Тој вели дека и тој и неговата сопруга се оперирани од срце, и дека 7.000 денари што ја добива од државата, не му достасуваат ни за купување на лекови, а камоли за плаќање на комунални услуги и струја.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=jyMgn7OU9Xc[/youtube]

Биљана Еверет

Дехран Муратов

CIVIV LENSES logo EN LfОваа содржина се објавува во рамките на вториот круг од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian