ВМРО-ДПМНЕ ја спаси фотелјата на „министерот за смрт“

Министерот за здравство Никола Тодоров, познат под прекарот “Министер за смрт”, синоќа пред полноќ ја “преживеа” интерпелацијата поднесена од пратениците од опозицијата. И покрај неколкуте до крај неразјаснети смртни случаи во здравството, несоодветното и нестручно управување, системските пропусти, како и сомнителното учество на министерот во контроверзен, милионски тендер во здравството, кои беа наведени како причини од опозицијата во текот на 12-часовната расправа, сепак, Собранието со 23 гласови „за“ и 59 „против“, не ја изгласа интерпелацијата на Тодоров.

Зачудувачките 59-те гласови “против”, зборуваат за едноумието кое владее во редовите на владејачката партија. Никој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се осмели да се исправи  над партиските интереси и не покажа дека пред сé е човек. Некој кој има морална и етичка одговорност да го прекине мандатот на Тодоров кој, како министер и прв човек во хаотичниот ресор, е виновен за смртта на Анамарија и Тамара, за починатата родилка од Гевгелија и нејзиното неродено дете, за жените од Шутка и Бутел кои немаат гинеколог, за конфузниот проект „Мој термин“, за пациентот од Битола отруен со средство за чистење, за алкохолизираните анестеолози, за бегањето на над 700 доктори од земјава....

Оставка на Тодоров 2Обезвреднувањето на човечкиот живот од партијата на власт, поради теснопартиски интереси и заслепеност, на што целата македонска јавност беше сведок, не смее да е причина да запрат барањата за оставка на Тодоров, од граѓаните и цивилниот сектор. ЦИВИЛ - Центар за слобода, повеќе од 10 месеци, перманентно ги следи и ги посочува неправилностите во работењето на министерот за здравство и ќе продолжи да бара негово заминување од функкцијата.

Додека расправата по повод интерпелацијата беше во тек и пратениците дебатираа за состојбата во која денес се наоѓа македонското здравство, рангирано на последно место во Европа, во организација на „Ајде!“ и на граѓанската иницијативата #ТодорOFF граѓаните и граѓанските организации, меѓу кои и ЦИВИЛ, пред Собранието побараа оставка од Тодоров, со транспарентите и извиците:  „Сакаме систем кој лечи, а не убива“, „Нашите животи не се твои партиски поени“, „Време е за одговорност“, „Министер за смрт“, „ТодорOFF“.

Солидарноста на граѓаните, во време кога не можат да се потпрат на министерот Тодоров и на здраствениот систем, се покажа и синоќа, со отварањето кутија за донации за малата Теона, сестрата на Тамара, која е со вродена срцева мана. Се собраа 16.690 денари кои заедно со собраните средства за време на Твитер наградите во износ од 10.600 денари, им беа предадени на семејството.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian