Живеам со крената глава

Се омажив на 17 години, на 20 бев мајка на две деца, а на возраст од 32 години, станав вдовица... Кобното утро на 4 фебруари 2011 година, го оставив сопругот дома, а по еден час ми јавија дека починал. Директно. Така, на лице место. Тешко беше, морав самата да им соопштам на децата и на најблиските... Морав, немаше излез од таа несреќа. Не се опишува останатото, по соопштената вест, дома ни беше хорор...

muaZsOmПо некое време, решив да си ги барам правата како самохран родител. Осигурителната компанија ја чекав и чекав, за околу 14.000 денари... Бев отфрлена од родителите на сопругот, но живеев само за децата. Потоа, решив да излезам од таа куќа и да најдам мир. Шест месеци живеев мизерно, со помош на моите родители, кои до ден-денес ми помагаат. Животот ми се подобри, но не толку, за да можам да ги задоволам барањата на децата.

Слушајки многу луѓе и нивните приказни за тоа кои права ги имам како самохран родител, решив да тргнам од врата на врата, и да го барам тоа што ми следува. За жал, и од тоа ништо. Повеќе пари фрлив за подготвување на документи, отколку што ми доделија...

Сега, живеам одделена од мојот син, кој се бори самиот и заработува како шанкер. Од време-навреме и помага на сестра му, се навикнуваме на животот што го живееме. Немам никакви примања од државата, немам право на пензија, бидејќи мојот сопруг имал само две ипол години стаж, а требало пет… Немам право на социјална помош, бидејќи, според личната карта, се водам сé уште на старата адреса, а таму „влегуваат“ две бедни пензии... Немам право ни на детски додаток, бидејќи сум невработена...

Каква е оваа наша држава, па ние, самохраните мајки, да немаме сопствен дом, да мора самите да се бориме за нашите деца, или дури да живееме оделно од нив, за помалку да се почувствува кризата... Зошто не се запрашаат тие големи луѓе, ете, зошто младите бегат од државата и чекаат бугарски пасош?

Јас се „откажав“ самата од сите права што и следуват на една самохрана мајка, зашто немаме установа што може да те посоветува и да те испрати на прав пат. И кренав раце... Но, по семинарот на ЦИВИЛ, ги спуштив кренатите раце. И сега повторно, ќе си ги барам правата. Иако, што и да кажам, што и да напишам, сé повеќе ми се зголемува револтот кон оние кои се борат за фотеља…

Поминав многу низ животот, но сепак, со крената глава ќе живеам и ќе се борам за моите деца, со помош на моите родители и со помош на родителите на покојниот сопруг. И ќе останам анонимна и за овој текст, затоа што...

Добро, не сум задоволна, ама сепак, насмеана сум и горда на децата…

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.

Print Friendly, PDF & Email