Враќање на просторот за дејствување на граѓанското општество

Фондација Хајнрих Бел, канцеларија во Сараево и ЦИВИЛ - Центар за слобода организираат презентација и панел дискусија „Стеснување на просторот за дејствување на граѓанското општество“ утре (вторник, 14 февруари), во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион), со почеток во 12.30 часот.

Станува збор за претставување на публикацијата „Shrinking Spaces in the Western Balkans“ во издание на Фондацијата Хајнрих Бел во која се говори за глобалниот феномен на стеснување на просторот за дејствување на актерите на граѓанското општество кое зема замав и во нашиот регион. „Заробено општество“, „Окупација на јавниот простор“,„Јавниот простор ни припаѓа нам“, „Популизмот и криминалот како модел на македонскиот политички систем“, „Босански блуз: култура, притисок, задушување“, „Медиумите и јавниот простор во демократијата“, се дел од насловите на темите на кои се осврнуваат 16 авторки и автори, познати новинари, активисти и академски работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Хрватска.

Овој извонреден труд, ќе го промовира Марион Краске, директорка на сараевската канцеларија на Фондацијата Хајнрих Бел.

Веднаш по презентацијата, ќе се одржи панел дискусија со проф. Нано Ружин, Никола Наумоски, Славчо Димитров и Џабир Дерала. Модераторка ќе биде Моника Талеска.

Shrinking spaces FB event banner - Copy

Поканети се медиумите, претставниците на граѓанското општество и заинтересираните граѓанки и граѓани.

Невладиниот сектор во Македонија е мета на закани на владејачките структури, преку низа рестриктивни процеси. Подолго време, граѓанските организации вулгарно се сатанизираат, како да се дел од заговор за уништување на државата. За голем број организации на граѓанското општество, како и против активисти, новинари и интелектуалци се водат кампањи и се спроведуваат истраги од инспекциски и полициски органи. Говорот на омразата и отворените повици за егзекуција се присутни во јавноста веќе со години, а се интензивираа по изборите одржани на 11 декември 2016 година.

Хаштаг на настанот е #ShrinkingSpaces.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish