ВМРО-ДПМНЕ - агенција за вработување на партиски кадри

Иако далеку од своите сјајни моменти, сепак, партијата на власт во Прилеп со сите сили, и по веќе докажаниот рецепт, продолжува со практиката на партиски вработувања во образованието.

Од  СМС пораката испратена до партиските членови од еден општински комитет во Прилеп, може да се види како се бара за вработување да се предложат лица со конкретно наведено образование, со конкретно побарани лични податоци од нив, но и (можеби најважниот предуслов) да се наведе партискиот стаж на предложениот/те!

s1

Пораката е испратена порано овој месец, и наведува точен датум и час до кога треба да се достават податоците за „подобните“ предложени личности за конкретно наведените позиции, а  според побараните карактеристики, јасно се забележува дека станува збор за претендирање на работни позиции во образовниот систем.

Имено, преку СМС пораката испратена до одговорните за регрутација на партиски подобните кадри за вработување, се бара да се достават предлози за еден наставник по математика/физика, и еден наставник по техничко образование, со прецизно наведени податоци за профилот на потребната стручна спрема на кандидатот, речсиси како да се работи за официјален оглас за вработување на самата образовна институција.

Исто е, ама не е исто.

Од друга СМС порака испратена до партиските членови, се гледа дека дури и за сезонска работа за берење тутун, и годинава, како и минатата година, предност ќе имаат членовите на месниот комитет на партијата за власт...

s3

Упорната партизација на образованието преку ваквите „акции“ на терен, сведочи за шизофрената состојба на власта, фатена во расчекор меѓу она што го декларира во своите јавни настапи, и она што го спроведува во секојдневието, божем зад кулисите, во маглата на јавните тајни, сé уште надевајќи се на слепата послушност на своето членство, и отсуството на храброст некој да проговори за тоа.

„Видете, јас кажав дека во последните неколку години се донесени сериозни закони и дека се спроведуваат реформи во администрацијата. Партизацијата како термин ја слушаме 25 години. Никој не може да се спротивставува на нешто што е етаблирано како терминологија, но ви гарантирам дека она што значи во моментот - услови за вработување во администрација е апсолутно тргнато настрана од партиската припадност“ – Илија Димоски од ВМРО-ДПМНЕ  во „Топ тема“ на ТВ Телма на 23 март 2016.

Иако претставници на власта јавно прокламираат дека партизацијата на општеството е далеку помала во однос на едно, не така далечно, македонско минато, и дека вработувањата сега се спроведуваат според законски утврдените прописи, ваквите примери под голем прашалник ја ставаат дефиницијата на „прописите“ коиги почитуваат претставниците на власта? „Законите“ на партијата, или законите на државата?

Божидар Барлакоски

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian