Уметниците ќе проговорат за човековите права

Се привршуваат подготовките за вечерашниот мултимедијален настан на ЦИВИЛ – Центар за слобода под наслов „Уметниците за човекови права“ кој ќе се одржи во ГЕМ Клуб и Менада, Стара Чаршија, со почеток во 18 часот.

Настанот започнува со тркалезна маса на која ќе учествуваат видни уметници и интелектуалци кои ќе дискутираат за општествената улога и одговорноста на уметниците во услови на ерозија на демократијата, автократија, структурно насилство и континуирано кршење на човековите права и слободи. Нивните излагања ќе бидат документирани и објавени на онлајн каналите на ЦИВИЛ, а во текот на целата вечер екипата на ЦИВИЛ Медиа ќе направи кратки видео-разговори со учесниците. Тркалезната маса е замислена како неформален и отворен форум кој ќе продолжи и во наредните денови преку медиумската продукција на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ќе презентира нацрт-заедничка изјава во која, меѓу другото, се вели: „Уметниците имаат моќ да го менуваат светот со своите дела и со своите настапи во јавноста. Со самиот чин на творештво, уметниците најизворно ја манифестираат заложбата за слобода на изразувањето, едно од фундаменталните човекови права. Како никогаш порано, уметниците денес се исправени пред обврската да го кренат својот глас против неправдите и деструкцијата.“

A4HR banner 07 - CНа програмата е изложба на ликовни дела, видео проекции, поетско читање и музичка програма. Со свои уметнички дела ќе се претстават Мирослав Стојановиќ – Шуки, Касиопеја Наумоска, Дороти Пачкова, Валентин Димановски и Верица Димеска. Поезија ќе читаат Биљана Јордановска, Елена Пренџова, Александра Спасеска, Билјана Стојановска, Џабир Дерала и други кои во текот на попладнево ќе се пријават за поетски настап. ЦИВИЛ ќе „инсталира“ и електрична гитара на која музичарите ќе можат да „џемираат“. Со диџејски сетови ќе настапи Владимир Милчин.

#a4hr programme MK - C

Поканата за учество на тркалезната маса, поетското читање и другите содржини на мултимедијалниот настан „Уметниците за човекови права“ е отворена за сите уметници, културни и медиумски работници, љубители на уметноста и активисти за човекови права.

Хаштаг на настанот е #a4hr (Artists for Human Rights).

Настанот е во рамките на Годишната програма на ЦИВИЛ – Центар за слобода, поддржана од програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian