Власта поттикнува насилство

Цивил – Центар за слобода, како членка на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата ги поддржува протестите кои се одржуваат пред Основното Јавно Обвинителство. Целта на протестите е да се насочи вниманието на јавноста кон вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓанките и граѓаните на Македонија, а тоа е нееднаквиот пристап кон правда, особено за луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет.

“Собранието ќе расправа по пакетот уставни амандмани меѓу кои и исклучувачката дефиниција на бракот (амандман XXXIII).  Националната мрежа против хомофобија и трансфобија ќе посочи на реалните проблеми како насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ заедницата и уште повеќе молкот на институциите. Владата наместо да презема активности кон спречување на хомофобичното и трансфобичното насилство и дискриминација, како што и меѓудругото се обврзала во низа меѓународни инструменти, со уставниот амандман XXXIII дополнително ја поттикнува и одобрува дискриминацијата кон ЛГБТИ заедницата”, стои во соопштението.

Антонио Михајлов од “Субверзивен фронт” изјави дека гласањето за уставниот амандман за дефинирање на бракот исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена, во услови на политичка криза, кога опозицијата е надвор од парламентот, кога има бројни прекршувања на уставот, стана практика во последниве месеци.

“Кога имаме 25 проценти сиромаштија, 30 отсто невработеност, кога нижеме неславни рекорди во повеќе области, како слобода на медиуми и ниво на мизерија, а уште повеќе кога ЛГБТИ лицата во Македонија се изложени на напади и физичко насилство, случаи кога повеќе од 2 години стојат без никаква разрешница од страна на надлежните органи, полицијата и Јавното обвинителство, е повеќе од апсурдно, гротескно и неинтилегентно. Јас би сакал да му порачам на предлагачот на измените и на пратениците дека оваа битка им е однапред изгубена, затоа што нас не има насекаде, нас не’ има правници економисти, адвокати бизнисмени, политичари, продавачи на пазар, чувари, уметници, професори, студенти. Нас не’ има Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, нас не’ има стари и млади. Историјата сведочи дека правдата секогаш била на страната на обесправените” – вели Михајловски.

Поминаа повеќе од две години од првиот напад на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а сторителите уште не се најдени. Не се најдени, а ниту се трага по напаѓачите на кафе барот „Дамар“ како и низа други напади на активисти. Јавното Обвинителство досега не презело никакви мерки за ниту еден од овие случаи.

Активистите симболично залепија слики од премиерот Никола Груевски и пратеникот Влатко Ѓорчев од нивните венчавки на зградата на ОЈО со наслов: “Кој е тука загрозен, вашиот брак или нашите животи?”.

Арбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email