Успешно завршена серијата семинари „Биди граѓански новинар“

ЦИВИЛ – Центар за слобода во хотелот „Гарденија“ во Велес, на 19 и 20 декември, го одржа петтиот, завршен семинар „Биди граѓански новинар“, во рамки на проектот „Граѓански објектив“. На семинарот учествуваа активисти, граѓан(к)и и поддржувачи на ЦИВИЛ од Куманово, Тетово, Делчево, Битола, Свети Николе, Скопје, Струга и соседните општини.

Биди граѓански новинар!Обуката имаше за цел да им пренесе основни познавања од видео-активизмот, набљудувањето и известувањето, преку едукативни модули за истражување и активизам. Преку предавањата, работилниците и практичната вежба, учесниците на семинарот, се стекнаа со знаења и вештини за долгорочно набљудување на изборите и на човековите права и слободи. Врвни професионалци, со големо искуство и меѓународно реноме, како предавачи ги споделуваа своите искуства со учесниците, низ живи дискусии.

Предавачи на завршниот семинар беа истакнати професионалци и експерти во новинарството, уметноста и активизмот. Покрај тимот на обучувачи од ЦИВИЛ, Синиша Станковиќ, Горан Наумовски и Џабир Дерала, предавачи беа и Уранија Пировска, Сашо Орданоски, Роберт Атанасовски и Златко Ориѓански.

Уранија Пировска

Уранија Пировска

Претседателката Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, Уранија Пировска, како поранешен вработен во канцеларијата на Народниот правобранител и долгогодишен граѓански активист, зборуваше за актуелната состојбата со човековите права во Македонија, работата на ХК и  Омбудсманот во период од десетина години, за односот на власта и на македонското општество кон сферата на човековите права и промените кои се случуваа во тој поглед.

Сашо Орданоски

Сашо Орданоски

Аналитичарот и колумнист Сашо Орданоски иницираше интересна дискусија со учесниците за новинарството, вистината, начинот на објективно согледување на настаните и за последиците на технолошката револуција вра медиумите и општествените односи, но и општо, врз човештвото. Преку примери од неговото богато искуство, Орданоски зборуваше и за јавниот интерес, за задачите и предизвиците на новинарството, за карактеристиките на јавноста, за отсуството на полемичкиот дух и на дебатата во Македонија...

Роберт Атанасовски

Роберт Атанасовски

Фоторепортерот Роберт Атанасовски, долгогодишен соработник на агенцијата Франс Прес, кој со неколкутемина колеги, со месеци наназад, речиси секојдневно на јужната или северната граница ја следи бегалската криза, зборуваше за сопствените дилеми и емоции, при забележувањето на трагичните примери и судбини на луѓето од воените жаришта. Тој го истакна индолентниот однос на македонските медиуми кон трагедијата која се одвива на територијата на Македонија, и на неподготвеноста на институциите на системот да ја менаџираат кризата.

Златко Ориѓански

Златко Ориѓански

Уметникот Златко Ориѓански, познат музичар и композитор, ја проблематизираше вештачки созадената дилема за идентитетот и потеклото на етничките Македонци, и за односот на интелектуалецот и уметникот кон политиката. Вдахновено зборувајќи за традиционалната и авторската музика и за неопходноста Македонија да создаде свој, оригинален производ кој успешно ќе се пласира во Европа, за успехот на филмот „Пред дождот“ и за обидите да се ограничи творечкиот дух во Македонија, Ориѓански иницираше полемика меѓу учесниците за толкувањата на поимот патриотизам и за културното наследство кое актуелната власт ќе им го остави на следните генерации.

Сите учесници на досегашните семинари во Скопје, Битола, Велес и Струмица, на кои учесниците беа од тие градови и соседните општини, како и на завршниот семинар, повторно во Велес на кој учествуваа граѓани од цела Македонија, над стотина учесници кои ја завршија обуката, добија и сертификати.

По Нова година ќе започне натпреварувачкиот дел од проектот„Граѓански објектив“, на кој можат да учествуваат сите полнолетни граѓанки и граѓани на Република Македонија, со фотографии, видео и аудио снимки и текстови за сите видови закани, уцени, корупција во изборен контекст и кршење на гласачкото право. Секој месец, петте најуспешни трудови ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е 110 долари!

Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и повикан е да се вклучи во нашиот проект.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English