ЦИВИЛ е место каде што се вкрстуваат аргументи и ставови, наспроти дезинформациите и црната пропаганда

ЦИВИЛ ги повикува лицата кои коментираат на социјалните мрежи да не манипулираат со фактите и да се воздржат од навредлив и вулгарен говор! Во коментарите на одделни содржини, поединци изнесуваат чисти измислици и лаги. Заднината на коментарите се очигледни и добро познати.

Ова се однесува и на одделни медиуми и политички партии кои, очигледно, ангажираат сериозни ресурси за да се занимаваат со нашата организација, буквално секој ден, веќе со години. Наместо тоа, можат да одговорат позитивно на бројните покани за настани и интервјуа во кои можат да ги изнесат своите ставови и аргументи на релевантни теми. На тој начин ќе заштедат време и ресурси кои потекнуваат од даночните обврзници на нашата земја.

Податоците за работата и финансирањето на ЦИВИЛ се објавуваат редовно и добро ѝ се познати на јавноста. Различните ставови, поткрепени со релевантни податоци, информации и анализи, се негуваат и се поттикнуваат. Тоа е општо познато.

Во оваа прилика, уште еднаш сакаме да истакнеме дека кај нас сè се објавува со максимална транспарентност, што е обврска според сите професионални и етички стандарди по кои се раководи Организацијата од своето основање во 1999 година до денес. Впрочем, за тоа сведочи и самата медиумска платформа што ја води ЦИВИЛ на македонски, албански и англиски јазик уште од основањето. Со цел да ја подобри својата комуникација со јавноста, во 2009 година беше формирана и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА.

ЦИВИЛ е место каде што се вкрстуваат аргументи и ставови, наспроти дезинформациите и црната пропаганда. Ставовите се различни, често и спротивставени. Експерти, интелектуалци и политичари со различни убедувања и ориентации ги објавуваат своите ставови на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Исклучок од ова се одредени политички кругови кои и во меѓународни рамки се познати како центри на дезинформации.

Нашата медиумска платформа секојдневно дава придонес кон јавноста со објавување на различни ставови, мислења и анализи за клучните процеси и настани во македонското општество. Само еден површен поглед на интернет порталите на ЦИВИЛ може да го потврди тоа.

Дозволете да потсетиме: Коментарите со навреди, лаги и клевети ќе бидат архивирани и објавени. Не прифаќаме молби за бришење на прилозите во кои ќе ги обелодениме коментаторите и нивните профили.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English