ЦИВИЛ е дел од светската акција Проговори!

Враќање на слободата! е мултимедијален настан на ЦИВИЛ – Центар за слобода кој вклучува флеш-моб (уличен перформанс), панел дискусија, уметничка работилница на отворено, изложба, диџеј сетови и информативни штандови за промоција на глобалната Граѓанска повелба, слободата на изразувањето и човековите права.

Уличниот перформанс, во кој ќе учествуваат млади активист(к)и на ЦИВИЛ, ќе се одржи в петок, на 22 септември на плоштад Македонија во Скопје, со почеток точно напладне. Веднаш потоа, ЦИВИЛ организира и панел – дискусијата на тема „Враќање на слободата“ во Клубот на новинарите, со почеток во 13 часот. Четворица интелектуалци и активисти ќе зборуваат за нивното разбирање на Граѓанската повелба и начините за враќање на човековите права и слободи во општеството. Присутните се повикани да учествуваат во дискусијата со свои мислења и ставови.

ЦИВИЛ во сабота и недела, 23 и 24 септември како дел од Враќање на слободата! (ReClaming Freedom) ќе одржи уметнички работилници во Градски парк, со почеток во 16 часот. Мултимедијалниот уметник Мирослав Стојановиќ, член и активист на ЦИВИЛ ќе овозможи простор за граѓанките и граѓаните, на креативен начин, да споделат пораки за слободата на изразување и човековите права. Со бои и зборови, посетителите ќе можат да ги нацртаат или да ги напишат своите визуелни или текстуални пораки и да проговорат гласно или во тишина за своите права и слободи.

Во вечерните часови, овие цртежи и пораки ќе бидат преместени во центарот на градот, каде што ќе бидат дел од амбиентот за забава на отворено до 23 часот.

Со овие активности, ЦИВИЛ е дел од светската кампања Проговори! (SPEAK!), создадена како одговор на сè побројните напади врз основните човекови права и слободи, а културата на поделби, предизвикува многумина да се свртат едни против други.

Идејата на кампањата е градење платформи за да се слушнат гласовите на обичните луѓе, создавање простори за слушање и учење еден од друг и да се покаже дека нашите слободи и борби се меѓусебно поврзани повеќе од било кога порано.

Кампањата официјално ќе започне в петок, 22 септември, со “Ден на тишината”, кога поединци и организации ќе изберат да ги замолчат сопствените гласови во солидарност со оние кои беа замолчени против нивната волја, што ќе биде и лајтмотив на уличниот перформанс во Скопје.

Од сабота до недела, односно од 23 до 24 септември, светот ќе зборува како еден, со стотици настани што ќе се случуваат низ целиот свет.

Проговори! е резултат на визијата на Цивикус – Светска алијанса за граѓанско учество, а како дел од Civic Space Initiative.

Клучни партнери вклучуваат голем број глобални организации, како и регионални, национални и локални групи од Латинска Америка, Азија, Пацифик, Африка, Европа и Северна Америка.

ЦИВИЛ – Центар за слобода е единствената организација од Македонија што се приклучува на оваа глобална акција за човековите права и слободи и е меѓу првите 50 организации во светот која го потпиша глобалниот документ Граѓанска повелба. ЦИВИЛ ја преведе и објави Граѓанската повелба на македонскиалбанскитурски, ромскивлашки и српско-хрватско-босански јазик.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English