Тешки обвиненија меѓу политичките партии

Продолжуваат обвиненијата и судирите меѓу политичките партии во земјата. Последното и најтешко обвинение кон најголемата партија на власт беше упатено вчера, кога лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев, обелодени документи и снимки од телефонски разговор, со кои го обвини актуелниот премиер дека зел 1,5 милион евра во готово, за продажба на Македонска Банка. Станува збор за документи за продажба на 51 отсто акции на оваа банка, на контроверзниот српски бизнисмен, Јовица Стефановиќ, познат како Газда Нини.

„Денеска Груевски е фатен на дело. Се покажа кој е креаторот на огромниот грабеж, на огромната пљачка на Македонија и нејзиниот народ“, изјави Заев, откако го обзнани телефонскиот разговор. „Никола Груевски, не мора да се закануваш преку соопштенија со тужба. Еве, јас те повикувам да ме тужиш. Кога веќе бегаш од мене на дебати, нема проблем, ајде да се сретнеме на суд. Ама ти лично да се појавиш на судењето, не да се криеш. И да биде јавно, со присуство на медиуми и набљудувачи. Па, сите нека видат која е вистината“, рече тој.

Во писмената реакција, ВМРО-ДПМНЕ ги негираше обвиненијата од вчерашната конференција за печат на Заев, истакнувајќи дека станува збор за монтирани и целосно лажни претензии.

„Се работи за класична монтажа за нешто што во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски. Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали кои се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно добро се потрудиле колегите и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи, но за нивна жал ќе се уверат дека и ова нема да им пројде“, се вели во реакцијата. ВМРО-ДПМНЕ, исто така, најави кривична пријава против Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, на вчерашниот митинг во Берово, говореше за објавувањето на аудио снимката. „Кога видоа дека не можат да не победат со работа, посветеност и одговорност, тие почнаа со една негативна и црна кампања, со обвиненија, монтажи, со лаги и манипулации“, изјави Груевски.

Во меѓувреме, ниту кај најголемите албански партии не недостасуваа обвиненијата. Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, на митингот одржан во општина Студеничани, рече дека неговата партија ќе биде дел од идната влада и го праша Али Ахмети во која влада тој ќе влезе.

„Јас го прашувам, во која партија ќе влезеш, Али? Нема влада за тебе. Тој господинот, твојот и шеф на твојата група, Груевски, откако ве направи ‘партал‘,ви рече, како што рече Беким, ‘сликајте се‘, нема влада за вас. Јас имам обврска да му речам нему и на Македонците дека државните пари не треба да одат само во цркви и крстови, туку треба да дојдат и во џамии, медреси и во нашата култура. Ние не сме биолошки битија. Не сме дрва за да живееме од вода. Ние имаме душа. Нашата душа ја исполнуваат верата, Господ и идеалот на нацијата“, рече Тачи.

Тој ја обвини ДУИ дека на Албанците им го негира елементарното правото на глас, заканувајќи им се со бркање од работа, заканувајќи им се дека ќе им ја земат социјалната помош.

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на митинзите одржани во Битола и Ресен рече дека ќе инсистира на идеата за консензуален претседател. „Зошто претседателот да не го знае албанскиот јазик?, праша Ахмети, кој ги оцени како мали аналитичарите кои ја критикуваат идеата за консензуален претседател.

„Да се најде личност која нуди и која се појавува и бара помош и поддршка од сите заедници. Но, за овие идеи, ниту политичари, а ниту аналитичари нема кои се храбри да кажат да. Се уште се ретки. Се уште не излегле од рамките на паника, страв и комплекси. Да ги надминеме комплексите. Ништо лошо не доаѓа за земјата од претседател со договор. Да контактира самиот претседател со гласачите, да комуницира со гласачите. Зошто претседателот да не го знае и албанскиот јазик?, изјави Али Ахмети.

Арбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email