МВР се прогласи за ненадлежно за фантомските влезови и гласачи

Немаме ингеренции да проверуваме дали се точни податоците од личните карти, изјави за Цивил, портпаролот на МВР Иво Котевски.

Изјавата следува откако екипата на „Цивил“ вчера пронајде две згради во општината Кисела Вода кои имаат по два влеза, а во избирачкиот список додаден е уште по еден влез, кој на теренот не постои. Во третиот влез на улиците „Пушкинова“ и „Михаил Чаков“ пријавени се четириесетина гласачи.

„Адресите се запишувани во времето на СДСМ, треба да се обратите до нив бидејќи во тоа време се издадени личните карти со тие адреси. Ние извршивме проверка по вчерашните изјави за постоењето трет влез и видовме дека на некои лица им се издадени лични карти на таа адреса уште во 1977 година. МВР нема надлежност да ја проверува точноста на податоците од старите лични карти. Лицето си доаѓа кај  нас со старата лична карта и ние му ја издаваме новата, но не ја проверуваме улицата на старата. Тоа се прави само доколку лицето пријавува промена на живеалиште“, вели Котевски.

Според набљудувачите на Цивил, во битолското село Бајро, било забележано лице кое што на денот на претседателските избори, на 13 април, сред село делело лични карти на гласачи. Воедно, забележан беше и гласач во Скопје, на кој од џебот му паднаа пет лични карти. За овие случаи, МВР нема информации.

„Не ми е јасно зошто никој тоа не го пријавил. Не е возможно едно лице да има повеќе од една лична карта, тоа е кривично дело. Но, до нас не е стигната никаква пријава, ниту од невладините организации ниту пак од опозицијата, која има свои набљудувачи. Од ниту едно избирачко место немаме добиено пријава дека одредени лица располагале со повеќе лични карти“, вели Котевски.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish