Стоп за силувањето на Скопје

ЦИВИЛ целосно ја поддржува Иницијативата за референдум за изгледот на фасадата на Градскиот трговски центар која што ја покренаа општина Центар и граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Ги повикуваме сите наши членови и поддржувачи да го дадат својот глас против уште една налудничава идеја.

„Барокната треска која ја опфати владата уште пред неколку години и која со сета тежина се урна врз плеќите на општеството и го олесни народнио џеб за стотици милиони евра, претставува невидено насилство врз сѐ што може да се нарече демократија, владеење на правото, но и вкус и култура. Скопје 2014 мора да престане. Силувањето мора да престане! Ги повикувам уметниците и архитектите уште сега да се подготвуваат со проекти како да ги санираме огромните штети предизвикани од овој нездрав проект.“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ со поддршка од голем број на архитекти, граѓански активисти, професори, минатата година пред новогодишните празници со симболично гушкање на ГТЦ рекоа „Не за барокот“.Иницијативата за референдум за изгледот на фасадата на Градскиот трговски центар мора да биде поддржана од сите, без оглед на политичката афилијација, етничка и верска припадност, социјална или општествена положба. Секој потпис е порака дека сакаме Скопје да личи на град, а не на евтина сценографија за лош филм, а платена прескапо.

Цивил бара од владата веднаш да престане со понатамошното силување на Скопје со кич, спротивно на сите стандарди, закони и волјата на граѓанките и граѓаните.

Print Friendly, PDF & Email