Спонтан крај!

И со „спонтаноста“ се претера! Затоа, ќе мора и на неа да ѝ  дојде крај.  Спонтан крај.

petrit-saracini-500x500-1-1-200x200

Пишува: Петрит Сарачини

Спонтано дојдоа, со организиран автобуски транспорт, од цела Македонија.

Спонтано славеа. Па протестираа, па пак славеа. Потоа, пак протестираа, па потоа, славеа... Седум дена.

На спонтаните протести, се разбира, спонтано се појавија државни и партиски функционери. Тие спонтано повикаа на насилство и сееја омраза.

Се играа ора и се пееше, а потоа, фрчеа закани и се кршеше. Сé „пукаше“ од петарди и огномети, ама се пукаше и со огнено оружје, спонтано, кој од радост, кој од гнев, зависи, како ќе паднеше спонтаната наредба.

Спонтано се донесоа и дрва, за да ги догреат запалените души во смрзнати тела, диригирани спонтано, од топлите и раскошни одаи на „рајхстагот“. Се запалија огнови среде улица, со спонтани закани дека ќе ја палат и Државната изборна комисија.

Внатре во ДИК, спонтано, старо-новата коалиција составена од МВРО, ДУИ и ДПА, на зелена маса ги одби сите приговори, освен еден.

И покрај тоа, пред крајот на пирот, Пастирот спонтано прогласи: МВРО е законот, а сé друго, што не му одговара на МВРО и на началниците, е незаконито! Дури и тоа едно прегласување. Нема да се признаваат никакви одлуки на институциите, нема да се признава волјата на граѓаните, на тие над 600.000 кои се против самоволието и криминалот на началниците.

Така рече човекот, поради чии ујдурми се прегласуваше три пати, спонтано, во Центар, за време на локалните избори во 2013 година. Толпата ги поздрави со воодушевување сите лешперски закани и прогласувањето на беззаконие. Спонтано.

Потоа, гневните, оние што нели, не можат да бидат држани под контрола од партијата, спонтано се разотидоа. Додека си рекол: Ќосе.

И така, гледајќи го почетокот, кулминацијата и крајот на спонтаната „Грујова слава“, за која и Ивкова слава личи на детски роденден, Младичот не може, а да не заклучи: И со спонтаноста се претера!

Затоа, ќе мора и на неа да ѝ дојде крај.  Спонтан крај.

Print Friendly, PDF & Email