Зекири: Не е првпат да ми се закануваат, но сега ми ги вознемирија и децата!

Мухамед Зекири, новинар и уредник во ТВ Шења, водител на емисијата „Новиот пат“, на 6 март, на својот Фејсбук профил напиша дека се зголемени заканите кон него и кон неговото семејство.

„Јас ќе продолжам со Вас да ги споделувам моите ставови за случувањата во нашава земја. На многумина може тоа да не им се допаѓа, но јас нема да престанам да го кажувам тоа што го мислам“, се вели во неговиот статус.

Ваквата изјава предизвика реакции во јавноста, а во еден портал на албански јазик излегоа и контраобвинувања, дека наводно од трето лице се испратени закани кон негов колега кој го напаѓал Зекири, но сакал да остане анонимен.

За ЦИВИЛ Медиа, Зекири, изјави дека во пресрет на изборите во медиумската сфера ништо нема да се смени и дека може само да биде уште полошо.

ЦИВИЛ Медиа: На вашиот Фејсбук профил напишавте дека сте под притисок и добивате закани, што предизвика доста коментари во јавноста. За каков тип на закани се работи?

ЗЕКИРИ: Случајот го пријавив во полиција и ги информирав странските амбасади за тоа што се случува. Не можам да влегувам во детали за каков вид на закани се работи. Информирани се сите што треба да бидат информирани за заканите. Не е првпат да ми се закануваат, но овој пат, беше повознемирувачки, децата ми беа вознемирени и затоа и го напишав тоа што го напишав јавно на Фејсбук.

ЦИВИЛ Медиа: Некои медиуми ве нападнаа дека, наводно, ваши симпатизери им се заканувале?

ЗЕКИРИ: Ако има било каков доказ дека јас сум се заканувал некому, можат да излезат јавно да си го кажат, како што излегов јас. На крај памет е - јас да излезам и да се заканувам некому. Ако сум толку моќен за да ми се плашат, што да кажам повеќе...

ЦИВИЛ Медиа: Долго време сте новинар и уредник на неколку национални телевизии. Како ја оценувате улогата на медиумите за време на изборите?

ЗЕКИРИ: Медиумите ќе ја имаат клучната улога. Не е променето ништо. Тоа го покажува и фактот дека партиите не се договорија за реформи во медиумите. Очигледно е дека партиите на власт сакаат да ги имаат под целосна контрола и да известуваат на начин како што тие сакаат, а не медиумите. Тоа го покажува и досегашниот начин на известување, ако ги следиме медиумите како информираат, особено националните телевизии. Така што, апсолутно не сум оптимист дека нешто ќе се смени до изборите и за време на кампањата, како и дека ќе има подобрување во таа насока и мислам дека ќе биде уште полошо и уште пострашно. Власта ќе продолжи да си ги употребува медиумите како машинерија за пропаганда.

Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian