Нема разговор со оние кои бараат куршуми за граѓаните!

Делегацијата на ЕУ го откажа консултативниот состанок помеѓу граѓанските организации и движења и претставниците на амбасадите на државите-членки на ЕУ во Македонија кој беше закажан за денес, 25 мај, во 10 часот. Оваа одлука на меѓународната заедница доаѓа по притисокот од граѓанските организации и движења кои не се согласија да седнат на иста маса со структура како ГДОМ. Со цел јавноста да биде објективно и целосно информирана, го споделуваме заедничкиот став на граѓанските организации и движења за овој настан.

Во име на организациите и движењата кои стојат зад ова обраќање ве информираме дека донесовме одлука да не учествуваме на консултациите со амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав и со амбасадорите на државите-членки на ЕУ во Македонија, на кои се поканети и претставници на таканареченото движење ГДОМ кои отворено шират омраза и поттикнуваат насилство.

Нагласуваме дека целосно ги поддржуваме напорите на Европската Унија и на државите-членки за канализирање на сите демократски и граѓански капацитети во правец на излез од актуелната политичка криза. Но, истовремено алармираме дека демократизирањето на нашето општество не е можно преку разговори, преговори и консултации со оние кои јавно бараат укинување на граѓанските организации, гумени куршуми за граѓаните кои протестираат и бетонски плочи за неистомислениците или различните.

Имајќи предвид дека во процесот на решавање на кризата неопходно е да се вклучат независни претставници на граѓанското општество, нагласуваме дека тие претставници задолжително треба да имаат минимум демократски капацитет и да ги почитуваат темелните уставни вредности на Република Македонија. Притоа, граѓанското општество го разбираме како збир од индивидуи, групи, организации, заедници и движења кои имаат јасно артикулирани политички ставови, кои не се монолитни, но кои имаат искрена намера да го подобруваат и демократизираат општеството и да ги застапуваат интересите на граѓаните. Повиците за укинување невладини организации, линчот на неистомислениците, сеењето омраза и поттикнувањето насилство не е и не може да биде ниту интерес на граѓаните, ниту поттурнување на процесот во демократска насока, ниту чекор кон излез од кризата.

Предупредуваме дека вклучувањето и уважувањето на ваквите деструктивни структури во разговори, консултации и преговори може дополнително да ја влоши состојбата во државата, особено ако се има предвид дека тие се директен производ и манифестација на желбите и директивите на раководството на владејачката партија, а не репрезент на граѓаните или граѓанските групи. За жал, ГДОМ и сличните структури се превез зад кој се кријат принудите и уцените врз граѓаните да излегуваат на контра-протести.

Нашите организации и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата, било преку анализи и предлози за политики или пак преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување за нивните права, потреби и барања.

baner

Организации потписнички на соопштението: ЦИВИЛ – Центар за слобода, Граѓаните кои протестираат за Шарена револуција/Протестирам, АДИ, Еко-свест, Институт за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, ЛГБТИ Центар за поддршка, Македонски центар за европско образование, Младински образовен форум, Транспарентност Македонија, Трибунус Цивилис, Фондација Метаморфозис, Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Центар за граѓански комуникации, Центар за развој на медиуми
Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian