Седница на Собранието на ЦИВИЛ: Нова стратегија - нови предизвици

ЦИВИЛ ќе одржи седница на годишното Собрание денеска, во седиштето на организацијата во Скопје. На агендата на Собранието се наоѓаат повеќе точки, меѓу кои се разгледување и усвојување на повеќе основни и програмски документи на ЦИВИЛ.

Од оваа година стартува новата петгодишна стратегија на организацијата. Стратегијата 2015-2019 е амбициозна и комплексна и ги покрива сите области и општествени процеси во кои ЦИВИЛ веќе има извонредно искуство стекнатов во текот на 15-годишното постоење. Ќе биде вистински предизвик да се спроведе оваа стратегија, имајќи ги предвид состојбите и процесите во Република Македонија и пошироко.

Стратегијата се фокусира на одбрна на човековите права и слободи од повеќе аспекти. Во своите стратешки и програмски документи, организацијата ги вклучува и борбата против дискриминацијата, придонес кон политичкиот дијалог, мирот и толеранцијата, како и контролата на оружјето. Од 2008 година, ЦИВИЛ работи и на проекти и теми поврзани со изборните процеси. Особено видлива е работата на организацијата од локалните избори во 2013 година наваму.

Собранието на ЦИВИЛ ќе донесе и низа други документи, ќе работи на подобрување на постојните, а добар дел од својата работа ќе посвети и кон зајакнување на организациската структура.

Print Friendly, PDF & Email