Опструирањето на Преспанскиот договор не е патриотски чин!

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро ги осудува партиите, односно пратениците што намерно и од позиции на теснопартиски и/или лични интереси го опструираат процесот на спроведување на Преспанскиот договор од кој произлегува потребата за уставните измени. Нема оправдание, ниту пак објаснување за нив!

Преспанскиот договор и уставните измени ќе ѝ обезбедат посветла иднина на Македонија и на сите нејзини граѓанки и граѓани. Овој историски договор, поддржан од целиот демократски и напреден свет, го заштитува идентитетот на Македонците и македонскиот јазик. Тој претставува излез од деценискиот спор со Грција од кој полза имаат само назадните и деструктивни националистички структури од двете земји. Неуспехот на овој договор значи продлабочување на спорот, пролонгирана криза и изолација што ќе биде штетна за двете земји и за регионот, а особено за Македонија.

Успехот на Преспанскиот договор ќе овозможи напредок и забрзување на евроатлантските интеграции.

Затоа, ги повикуваме сите пратеници што ѝ мислат добро на нашата заедничка земја, да го докажат тоа со давање поддршка на уставните измени. Без оглед на тоа дали се работи за искрени побуди или за пазарење, отсуството на поддршка за уставните измени не е патриотски чин.

Ги охрабруваме пратениците да донесат мудра, храбра и државничка одлука и да покажат единство кога се работи за големи историски одлуки како оваа.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish