„Што изгубив за слободата“, дискусија со борците за подобро утре

Јасмина Дуриќ, Елена Николовска и Ели Хаџистојанова се три девојки кои борејќи се за слобода и за подобро утре, го загубија своето работно место. Тие биле санкционирани поради учеството на протестите на Шарената револуција, но не се откажуваат од заложбата и борбата за слобода.

„Три млади девојки не се партиски војничиња. Три млади девојки се борци за слобода. Три млади девојки, денес се без своето работно место, префрлени се на пониска работна позиција и секојдневно, нивните претпоставени им вршат мобинг, прогон, местенки и изживувања... Тие се лидери кои се борат нашата земја да стане подобро место за живеење“, стои во повикот за присуство на настанот „Што изгубив за слободата“, што ќе се одржи на 22-ри септември, со почеток од 19,00 часот, во МКЦ Клуб ресторан.

13321612_976644815787321_1530204384633755719_n

Секоја од учесничките на овој настан има своја различна приказна. Јасмина Дуриќ поради граѓански активизам е прераспределена од својата работна позиција во АРМ во Скопје, на пониска позиција со помала плата во Кичево. Ели Хаџистојанова, како дел од протестите, ја изгубила работата како наставничка по француски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. А, Елена Николовска, вработена во Министерството за труд и социјална политика, секојдневно се соочува со притисок на работното место од нејзините претпоставени.

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Стефан Александар Јовановски, еден од организаторите на настанот.

11178371_1068958636466483_8157444902271542356_n

Стефан Александар Јовановски

„Сакаме со овие настани, да покажеме колку луѓето се спремни да жртвуваат, да изгубат и работно место и да се искрени во тоа што го бараат, борбата за слобода и за подобро утре, повисоки цели кои не се лична придобивка за нив, туку за сите нас, затоа што ова сите нас нé засега“, вели Јовановски.

По настанот „Што изгубив за слободата“, ќе следат уште два настана, од кои едниот е посветен на граѓанските активисти кои поради својот ангажман биле приведени, уапсени или биле во домашен притвор. На последниот од серијата настани ќе учествуваат културни работници, кои не добиле средства, улога, простор за изразување, само поради укажување на проблемите во општеството.

М. Теговска

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian