Шарената револуција и "Го сакам ГТЦ" повикуваат на протест

Под мотото „Правдата е Устав, СЈО е правда“, Шарената револуција ги повикува граѓан(к)ите на протест на 6 јули (среда), во 19.00 часот, пред Специјалното Јавно обвинителство. "Заштитата на СЈО е гаранција дека ќе има правда во Македонија, но, власта и Уставниот суд упорно се противат на волјата на граѓаните и подготвуваат опасен план за криминалот да продолжи да владее", стои во соопштението на Шарена револуција, објавено на нивниот официјален Фејсбук профил.

 

13235602_967609273357542_7849252663008760759_o

Едно од најважните барања на Шарената револуција продолжува да биде упатено до Устаниот суд.

„Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното Јавно обвинителство и на тој начин да се овозможи да одговараат сите функционери кои преземале криминални дејствија. Ова го бараат граѓаните, заедниците и политичките фактори кои се борат за демократизација на Република Македонија“, стои во соопштението.

Протестот најавен за утре го поддржуваат и од граѓанската иницијатива "Го сакам ГТЦ".

Во повикот се вели: "Оваа Влада е целосно исклучена од реалноста. Дента кога ЕУ ги блокираше ИПА фондовите и блокираше големи инфраструктурни проекти, како автопатот кај Демир Капија и пругата кон Бугарија, тие и ги одземаа надлежностите на Општина Центар за да потрошат нови десетици милиони евра на уништување на културно наследство. Со оваа Влада нема разбирање, а 'Скопје 2014' може да се спречи само ако Владата падне. Затоа, ги повикуваме сите наши поддржувачи да се приклучат на протестот во среда на Шарената револуција. Покрај правда и слобода, од улица да се избориме и за нашиот ГТЦ!"

Последниот протест на Шарената револуција беше на 27 јуни 2016 година.

 

Print Friendly, PDF & Email