Се мобилизираат ли партиски војници, или некој сака да сее страв?

Во пресрет на утрешното повторно гласање во Теарце до ЦИВИЛ - Центар за слобода, пристигнуваат гласишта дека се мобилизираат партиски војници од една политичка партија.

Симултано, овие информации доаѓаат од Прилеп, Свети Николе и скопската општина Кисела Вода. Наводно, кружат повици на оружје, со цел насилно да се наруши политичкиот процес во, и онака, турбулентниот постизборен период во Македонија.

Според извори на ЦИВИЛ од МВР, состојбата на теренот будно се следи и е подготвено да одговори на сите предизвици.

ЦИВИЛ веќе ги повика институциите да преземат соодветни мерки за да го одбранат правото на глас и да ги санкционираат оние што го кршат Изборниот законик, на вчерашното обраќање пред јавноста при посетата на Теарце.

Според набљудувачите на ЦИВИЛ, утврдено е дека одредена партија, врши поткуп на гласачи. МВР денеска уапси две лица под основано сомнение дека вршеле поткуп на гласачи во Теарце.

„Според нашите сознанија, на граѓанките и граѓаните им се нудат од 3.000 до 6.000 денари за да апстинираат од гласање. ЦИВИЛ повторно апелира до граѓанките и граѓаните утре слободно да гласаат, да го искористат своето законско и уставно право на глас. Секој треба да знае дека секоја активност којашто е во правец на спречување на слободни избори е кривично дело, санкционирано со закон“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ во вчерашното обраќање до јавноста.

Набљудувачите на ЦИВИЛ перманентно го мониторираат изборниот процес во Теарце. Тие и утре ќе го следат прегласувањето.

Инаку, изборниот молк во Теарце завршува на полноќ. Изутрина од 7 часот започнува прегласувањето на Избирачкото место 2011, во Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, каде се евидентирани 714 граѓан(к)и со право на глас. Повторното гласање во Теарце ќе се изврши, по одлуката на Управниот суд, којшто го поништи гласањето на ова избирачко место реализирано на 11-ти декември, поради констатирани изборни нерегуларности.

Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука да се повтори гласањето во Теарце, бидејќи врз основа на симулацијата, резултатите од прегласувањето, може да влијаат врз бројот на освоени мандати и врз целокупната постизборна политичка констелација во земјата.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English