Решенија за вонсезонски туризам во Охрид

ЦИВИЛ Медиа, во рамките на иницијативата Социјална правда сега!, ја истражи приказната за рапидниот пад на туризмот во Охрид. Високите цени и немањето волја да се искористи културниот капацитет на Охрид, се некои од причините за намалениот број на странски, но и домашни туристи. Бројот на невработени охриѓани од година в година е сè поголем со затворањето на фабриките, а во потрага по било каква работа, охриѓани прифаќаат и минимална исплата на нивниот труд.

„Сите тие луѓе кои што беа отпуштени од фабриките ЕМО, Отекс, Братство, имаа можност да се снајдат преку туризмот. Масовното отпуштање од овие фабрики придонесе да се намали вредноста на трудот. Неколку големи бизнисмени во Охрид добија можност да бираат меѓу илјадници очајни луѓе кои за да преживеат, ќе работат за минимална плата“,  изјави Катерина Василевска, туристички водич од Охрид.

Со нашата соговорничка зборувавме за алтернативите на вонсезонскиот туризам во Охрид.
„По четири месеци, колку што трае сезоната, наместо сезонските работници да се отпуштаат, а хотелот да се затвори, нека остане отворен со помали цени. На тој начин ќе им овозможат  престој на некои ранливи групи, сиромашни, болни луѓе, деца..., на кои климата во Охрид, по сезоната, повеќе би им одговарала. Тука може и државата да помогне со субвенции. Ќе добиеме добитна ситуација, хотелите нема да ги отпуштаат сезонските работници, а ранливите групи на Македонци кои немаат пари да си дозволат одмор во сезоната, ќе можат да си го овозможат во  вонсезоната“, предложи Василевска.

Прилогот го подготви редакцијата на ЦИВИЛ Медиа.
Новинарки: Арбана Ќерими и Биљана Јордановска
Уредник: Синиша Станковиќ

Прилогот е дел од проектниот сегмент Street Media и е дел од активностите на Иницијативата Социјална правда сега! Иницијативата ја спроведува ЦИВИЛ - Центар за слобода со поддршка од Фондацијата Фридрих Еберт.

Print Friendly, PDF & Email