Mарш за чист воздух и за здрави деца!

Поради загаденоста на воздухот низ цела Република Македонија, а особено во Скопје, Тетово, Куманово и Битола, граѓанките и граѓаните на престолнината, вчера маршираа низ улиците, од фонтаната во Градскиот парк до Владата, носејќи транспаренти, меѓу кои беа: „Шо праиме со воздухов“, „Сакам Дедо Мраз да мидонесе воздух“, „у... ПМ10“, „Филтри место финти“. Граѓаните побараа средби со градоначалникот Коце Трајановски и со премиерот Емил Димитриев, но кај бараките на Град Скопје и пред Владата, наидоа единствено на обезбедување и полиција.

protest8

Организаторите на протестот, еко-активисти, вчера порачаа дека протестот е граѓански и дека зад нив не стои ниту една политичка партија.

„Сé додека во овој град има луѓе што се подготвени да дојдат на протест за чист воздух и за здрави деца, децата на ова држава ќе останат здрави. Имам многу функции во животот,0 но тука сум татко на двегодишно дете, кое остана заглавено дома два месеца, затоа што надвор има гнасен воздух со 1.000 ПМ10 честички“, изјави Лазар Ѓуров, еден од граѓаните кои протестираа. „Луѓе, ова е премногу лудо за да биде вистинито, трошиме пари на глупав стиропор, а децата умират, умират 1.350 луѓе годишно!“, рече Ѓуров, движејќи се кон Владата..

protest5

Пред објектот на Владата, граѓаните извикуваа: „Убијци, убијци!“.

„Немојте да си глумите, глупости се дека одите на работа пешки, ве видовме на телевизија, некои од вас кои бевте гладни, а потоа цело време ве возат со автомобили, возевте велосипед на Кеј, па потоа на велосипед не се качивте.... Поради политичари-лицемери сме тука, ако верувате во нешто - правете го, ако сакате да го водите овој народ - бидете примери, бидете луѓе кои ќе ги следат младите. Да создадеме држава што ќе биде просперитетна, а не фејк, не да глумиме со стиропор шупи, да знаете луѓе, можеби сме малку, ама секогаш малку луѓе правеле промена. Закажуваме средба во втората половина на јануари, секој од вас, секој ден, работете на ширење на свеста. И тука, наредниот пат да го наполниме целиот булевар! За чист воздух и за здрави деца!“, рече Ѓуров пред Владата.

protest9

Граѓаните имаа 17 барања: воведување на пар-непар системот за моторните возила, забрана за движење на возила без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз во текот на зимата, итна набавка и бесплатно делење на маски со потребни стандарди за заштита (со потребни димензии) за целото население (особено за деца) во Скопје, излегување на терен на зголемен број на инспекциски тела за контрола на начинот на греење на граѓаните, обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се грејат на гуми и со други штетни материи, ненајавени контроли на оџаците на индустриските капацитети кои (се сомневаме) загадуваат, привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети кои (се сомневаме) загадуваат, формирање на Кризен штаб во Центарот за управување со кризи кој ќе ја следи состојбата и ќе предлага и презема итни мерки против загаденоста на воздухот, запирање на сите градежни работи во Скопје, почесто и потемелно чистење на улиците од улична прашина, полициски контроли на возила кои носат нечистотија на гумите, особено такви кои излегуваат од градилишта, контрола дали се спроведуваат обврските за чистење на јавните површини околу градилиштата од сите кои имаат обврска да го прават тоа, набавување и бесплатно делење велосипеди, донесување закон од новиот парламент за забрана на уништување на било каква вегетација - кој ќе исече дрво или ќе уништи парк, да добие затворска казна од 10 години, новиот парламент да се донесе законска регулатива според која, ако загадувањето ја надмине пропишаната граница, веднаш да мора да се преземаат мерки, стопирање на сите непотребни трошења за луксуз (Панорамско тркало, боемски улици, стиропорни фасади....) и пренамена на парите за заштита на населението, лечење на болните поради загадувањети и мерки за подобрување на состојбата и решавање на жариштата за загадување (линданот во ОХИС, насобраниот отпад во кругот на велешка топилница и други слични потенцијални, еколошки „бомби“.protest7

Незадоволните граѓан(к)и им дадоа рок на институците за преземање итни мерки за загадениот воздух до 3 јануари за првите 13 барања , за 14-тото барање им дадоа рок од 10 денови, а за последните три барања - 5 денови по конституирање на новиот парламент.

protest4

Според организаторите на протестот и присутните, револтирани граѓани, по споредбата на состојбите во Скопје (и во цела Македонија) и во Париз тврдат дека загадувањето на воздухот е најголемо досега! И до 20 пати над нормалата, над дозволеното! Порачувајќи дека не смее да се молчи, организаторите тврдат дека болестите и смртноста поради загадениот воздух драстично се зголемуваат, дека најмногу страдаат децата, кои секојдневно се движат одејќи на училиште или во градинка, но и сите граѓани кои живеат и работат во Скопје. Демонстрантите ги обвинуваат локалните и централните власти дека не преземаат ништо и дека покажуваат целосна негрижа за здравјето и животот на населението.

Текст и фото: Вулнет Махмути

Print Friendly, PDF & Email