Продолжуваат протестите против неуставната одлука на Уставниот суд

Протестите против одлуката на Уставниот суд да ја прифати иницијативата, која му овозможува на претседателот на државата помилување на лица за изборни нерегуларности продолжуваат и денеска. Протестите и денеска се закажани за 17:30 часот пред зградата на Уставниот суд. Граѓанската инцијатива „Ајде!“ повика на протест против оваа одлука за која велат дека ја прави оваа институција соучесник во криминалот поврзан со изборните процеси.

„Уставниот суд застана во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори. Во рекордно брзо време ја разгледа и ја прифати иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на Законот за помилување, поточно, за забраната Претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека за нив правниот систем е само алатка која им служи за заштита од правдата, а не за нејзино спроведување“, стои во повикот упатен преку социјалната мрежа Фејсбук.

Како што се вели во повикот, граѓаните нема да дозволат крадците на нивните животи, преку партиски узурпираниот Уставен суд, „да си ги спасат своите злосторничко-криминални ‘кожи’ од издржување на заслужените затворски казни“. Нема да дозволиме, стои понатаму во повикот, повторно да си поигруваат со државните институции како да се нивен личен имот или партиски огранок.

„На судиите кои се грижат единствено за спасување на своите наредбодавци, ќе им порачаме, јасно, гласно и решително, дека тие се одговорни пред сите нас – граѓаните на оваа држава и дека не можат и не смеат да го газат Уставот секогаш, кога тоа ѝ одговара на владејачката партијата или секогаш кога ќе треба да се спасуваат криминалците во власта. Нема правда – нема мир!“, се вели во повикот на „АЈДЕ!“ за вечерашниот протест пред Уставниот суд.

Print Friendly, PDF & Email