Собранието на РМ противзаконски заштити лице осудено за кривично дело, ЦИВИЛ бара итно преиспитување

Толкувањето на законите на начин што овозможи мандатот на Никола Груевски да се стави на гласање во Собранието на РМ и тоа со двотретинско мнозинство е, најблаго кажано, непријатно изненадување. Со ова гласање, пратеничките и пратениците покажаа најмалку две работи. Прво, со ова гласање, тие покажаа неподготвеност да се надминат тешките последици од владеењето на еден насилнички и криминален режим. Второ, можеби уште поважно, се чини дека Собранието не сака да прифати дека освен бенефиции, постои и одговорност на функционерите. Затоа, со ова гласање, сега позицијата на Груевски е крајно апсурдна, но уште поапсурдно е тоа што одговорноста за тоа ја носи токму Собранието.

Никола Груевски, со правосилна одлука на Кривичниот суд, со упатен акт за отслужување на казна затвор, со жалба одбиена од Апелација, беше точка на дневниот ред во Собранието за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, а за таква одлука бараа, ни помалку ни повеќе, двотретинско мнозинство. Неверојатно, но вистинито!

Со ваквото размислување, Собранието на Република Македонија, му го заштити мандатот на Груевски, па според тоа и ќе продолжи да прима пратеничка плата. Дали за кривично дело за какво е осуден Груевски, некоја институција или компанија во земјава или било каде во светот, ќе му го заштити работното место на својот вработен и ќе продолжи да му исплаќа плата додека тоа лице е в затвор? Со оваа постапка, најмалку што направи Собранието е остра дискриминаторска постапка во однос на сите останати граѓанки и граѓани на оваа земја, на нивна сметка, од нивниот џеб.

Според логиката на Собранието, мандатот на Груевски е невозможно да му се одземе ни врз основа на неоправдано отсуство, бидејќи одењето в затвор тие го сметаат за оправдано отсуство. Тоа го потврди и претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски.

Проф. Мирјана Најчевска, во пресрет на овие правни дилеми, ако воопшто може да се наречат дилеми, за ЦИВИЛ Медиа напиша: „Кога станува збор за актуелен пратеник осуден на казна затвор над 6 месеци (како што е случајот со пратеникот Никола Груевски), всушност, воопшто не треба да се размислува за одземање на мандатот, туку да се препознае престанок на мандатот заради настапување на исклучивиот услов предвиден во Изборниот законик.“ Што не е јасно овде? Доколку е потребно дополнително објаснување, доволно е да се прочита толкувањето на проф. Најчевска во рубриката ПРАВНИ ПЕРСПЕКТИВИ на интернет порталот ЦИВИЛ Медиа.

ЦИВИЛ – Центар за слобода во целост ги поддржува и ги застапува ставовите на проф. Најчевска. Воедно, ЦИВИЛ бара итно преиспитување на одлуките во Собранието на РМ поврзани со ова прашање и спроведување на словото на законот без заштита на осуденик за кривично дело и без манипулации со правдата.

Print Friendly, PDF & Email