Сакам живот во Македонија!

Не сакам живот од бајка, сакам живот во Македонија!
Сакам да го живеам мојот сон тука, како достоинствена граѓанка, интелектуалка и родител.
Сакам под ова сонце да се разбудам среќна и да го израдувам моето дете, не да се прашувам како ќе помине уште еден тежок ден..
Сакам да се разбудам во еден убав ден....

muaZsOmКога бирото за вработување ќе стане активна институција, „златен рудник“ на квалитет и капацитет, наспроти партизацијата и непотизмот.
Кога еден со друг ќе се поздравуваме со љубов и респект за разликите меѓу нас, а не - секој секому да му биде волк.
Кога црните сценарија ќе бидат фрлени на забот на заборавот, а ние ќе изградиме мост на доверба меѓу нас, што никој не може да го урне
Кога во болниците, нема неколку минути да значат живот или смрт, туку за да се спаси нечиј живот ќе имаме на располагање Здравствен фонд и кога нема да стравуваме дали да ги вакцинираме нашите деца.
Кога секоја идеја ќе биде добредојдена, слободна како птица пред да полета. Од идеја до реализација, а не мозок во кафез.
Кога богатството ќе се мери според големината на човекот во нас, а не по „материјалното“ околу нас.
Кога институциите ќе бидат ослободени од орловските канџи на умислени императори, а правдата ќе нема цена по која може да се купи.

Сакам да се разбудам во еден таков, убав ден...
Кога човекот ќе делува по сопствено убедување, хумано, според разумот и совеста, а не по директива
Кога ќе постои валоризација на квалитетот кој е над партискиот квантитет и кога вистината ќе биде една за сите, а не според нечија желба.
Кога син ми ќе ми рече: „Мамо те сакам, зошто се бориш за сето тоа, и за јас да бидам среќно дете во Македонија!

Ќе дојде и тој ден...
Драги мои, сите вие, бидете среќни граѓанки, родители и интелектуалки, тука во матичната земја, направете го така посреќно и вашето дете и дајте ни поддршка (like, share...)
Дајте ни поддршка за ден без грижи, за мирен, убав ден, за Македонија, за демократија! Едно големо НЕ за диктатурата и едно големо ДА - за нашите права како граѓани на Република Македонија.
ДА - за подршка на луѓето кои во животот, покрај сите обврски, мораат да бидат двата родитела истовремено!

 

Print Friendly, PDF & Email