Политичката злоупотреба на децата продолжува со несмалено темпо

Соопштение на ЦИВИЛ, 7/4/2019

Од долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ - Центар за слобода се констатира дека политичката злоупотреба на децата продолжува со несмалено темпо. Децата се во првите редови на јавните собири во изборен контекст и се употребуваат во видео снимки, пропагандни спотови и фотографии што се објавуваат на социјалните мрежи и во медиумите, како да не постојат јасни домашни и меѓународни кои таквата злоупотреба ја забрануваат.

ЦИВИЛ најостро ја осудува злоупотребата на децата и малолетниците во политички и изборни цели и уште еднаш ги повикува институциите веднаш да реагираат и да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата во политиката на било кој начин. Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

СТОП за политичката злоупотреба и индоктринација на децата! Како и во своето претходно соопштение, ЦИВИЛ уште еднаш ги потсетува политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без никаков исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Голем број деца немаат пристап до квалитетно образование, здравствена заштита и достоинствени услови за живот.  Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно политичките случувања.

СТОП за политичката злоупотреба и индоктринација на децата!

 

 


ЦИВИЛ ги повикува сите набљудувачи, поддржувачи, членови и граѓанките и граѓаните да пријавуваат политичка злоупотреба на децата, подеднакво како и говорот на омразата, злоупотребите и другите изборни нерегуларности.

Пријавите може да се испраќаат во порака по електронска пошта (monitoring.civil@gmail.com), Фејсбук, по телефон (02 / 5209 176), на онлајн пријавата за изборни нерегуларности или лично во седиштето на организацијата во Скопје.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English