По секоја средба со татко им, децата ми се расплакани

Одев таjно на лекар, одев кај мајка ми со трчанка, се исплакував и се враќав кај него. Во полиција кога ќе ме видат, се прибираат по канцеларии, сите наеднаш се зафатени, имаат состанок, одат на терен…

muaZsOm„Госпоѓо, не можеме никако да ви помогнеме, вие си имате семеен проблем, сиромаштијата ве јаде... Може за швалерка ги троши парите, седете си мирни дома со децата и доста веќе доаѓате да пријавувате дека ве краде сопругот, доста ни кажувате што се изнел од дома, како немате ни телевизор или по којзнае кој пат останувате без телефон, како кујнските апарати и цвеќињата ви ги снемува, ние не можеме ништо да направиме“.

Десет години трпам сé и сешто од тој човек. Дури живеев кај него, не ми даваше да претнам. Секој денар што ќе ми го дадеа моите и што ќе го заработев, ми го земаше, а јас и децата се расправавме со инкасатори и молевме да не ни ја исечат струјата. Сега, кога сме разделени, најмногу ми ги мачи децата. Секој викенд мора да му ги носам на „лавот во пештерата“, и да мислам во која состојба ќе ми се вратат. Дали ќе ги остави сами да спијат, а тој ќе излезе, дали доаѓаат и други неранимајковци и којзнае што прават...? Расплакани најчесто доаѓаат, по два-три дена молчат и слабо јадат. Учителките знаат и веќе не зборуваат, не ми велат дека повторно ништо не јадат. Ја научија песната напамет - моите деца, понеделнички не јадат ништо, вторнички пробуваат, од среда се подобри... Со другарчињата расположението им е слично како со храната, но најчесто се дружат тие двете. Најголем дел од времето се држат за рачиња. Како малечки се сé уште, иако по години се потпораснати.

Сега не ранат моите родители и многу сум им благодарна што не примија назад, иако неколку пати доаѓав, па пак се враќав кај „ѕверот“, потпаѓајќи под негово влијание поради притисокот што ми го вршеше... Моите родители работат, а јас сум по цели денови дома. Чистам, мијам, пеглам, готвам, редам – прередувам, некако да не собере, зашто, петмина луѓе во две соби сме. Тесно е, на зима студено, а во лето жешко. Не стасува да се менуваат прозорци и врати, а стари се, фучи од сите страни. Во тие две соби јадеме, спиеме, учиме со децата, подработувам и јас од дома, кога некој ќе ми порача нешто.

Немам право на никаква социјална помош затоа што имаме покрив над глава и вработени родители, па на нив им припаѓала грижата за мене. Да, јас сум млада и работоспособна, но не можам да најдам нормална работа, каде нема да трпам дополнителни омаловажувања! И, каде ќе можам да ги водам и земам децата од училиште наутро и до 16 часот. Никој не сака да ме вработи само во прва смена, велат, се останувало на работа сé додека има што да се работи. Или, во две смени бараат да одам, а не можам. Не можам да си дозволам во две смени да работам, зашто и моите родители се така вработени - во две смени и не може да се фати ред, кој да оди по децата... И затоа, седам дома и чекам. Чекам да пораснат децата и самите да одат во училиште, а јас да можам да работам.

А оној „лавот“ што не мачи, не знам како ќе го решам. Полицијата не ни помага, велат не биле приватни детектвиви да се грижат за самохрани мајки и да му ја мислат за деца кои одат кај налудничав татко на викенд. Зашто, ако биле детективи, ќе требало да си платам, а не вака, да ги заморувам.

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки. 

Print Friendly, PDF & Email