Осуда на притисоците за учество на контра-протестите на власта

Огромни притисоци се вршат врз вработените во администрацијата, но и врз граѓаните воопшто да присуствуваат на вечерашните контра-протести во организација на власта. Според информациите од теренот кои во изминатите неколку дена пристигна во ЦИВИЛ, како и од теренската работа на тимот на ЦИВИЛ Медиа, се констатира злоупотреба на јавните ресурси, нејасни извори на финансирање на вечерашниот настан, како и злоупотреба на раководните позиции во институциите на локално и национално ниво, преку кои се спроведуваат притисоците.

Досега информации за притисоци и злоупотреби доаѓаат од Скопје, Гостивар, Битола, Прилеп, Гевгелија, Охрид, Кичево и Кочани. Според извештаите кои досега пристигнаа на наша адреса, во оваа акција за мобилизација за присуство на контра-протестите, опфатени се лекари, наставен кадар, инкасатори, хигиенски работници и вработени во полицијата. Исто така, се врши агитација, но и притисок врз социјално ранливите групи. Ваквите притисоци и уцени особено се забележливи кај корисниците на социјална помош и невработените.

ЦИВИЛ – Центар за слобода остро го осудува ваквиот притисок кој, освен преку медиумите под контрола на власта, се врши и директно врз граѓанките и граѓаните, со злоупотреба на јавните ресурси и позициите кои ги држи власта во институциите.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish