Постизборниот период - време за инспекции, закани и уцени

Страв, затворање на единствените извори за егзистенција на неистомислениците и инспекции на секој чекор можат да се забележат во голем број општини во државата во постизборниот период. Од минатонеделната посета на мобилниот тим на Цивил во 15 општини низ државата можат да се слушнат многу човечки судбини соочени со стравот за нивната егзистенција затоа што мислеле поинаку или не постапиле онака како што им било наложено од власта.

Една од таквите судбини е онаа на семејството С.Ј. од општина во југоисточна Македонија, кои буквално останаа без егзистенција точно еден ден по изборите. Единствениот приход на четиричленото семејство била маалската продавничка во градот, која им носела приход од кој едвај можеле да преживеат. Зборувајќи анонимно, со оглед на околностите, ова семејство реши да ни го раскаже нивното патешествие, предизвикано од една единствена причина - не биле членови на владејачката партија.

Утредента, по завршувањето на изборите на 27 април, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ од општината дошол во посета на семејството.

„Мал е градот, се знаеме сите. Сите знаат дека не сме членови на ВМРО-ДПМНЕ и секогаш сме бил трн во очи. Но, она со што се соочивме навистина нé уби. Човекот влезе во нашата продавничка и ни се обрати со зборовите - „Вашата поврзаност со СДСМ не ви е паметна. Така што попаметно ќе ви биде сега да го затворите дуќанот“, раскажува С.Ј.

Шок и неверување настанало во семејството, чија локална продавничка работела повеќе од една деценија.

„Не знаевме што да правиме. Притисоци сме имале и порано, но она што сега го слушнавме беше запрепастувачки. Свесни сме дека утредента на врата ќе не чекаше инспекција, а уште појасно дека ако сакаат да ти најдат нешто - ќе ти најдат. Му реков на маж ми, повеќе од ова не можат да ни наштетат, стави клуч на врата. Решивме да се откажеме од единственото нешто што ни носеше приход во куќата. Ете сме сега, без ништо. Се надевам дека сега се среќни и дека повеќе нема да им бидеме трн во очи“, раскажува сопругата со солзи во очите.

Нашиот впечаток кога се сретнавме со ова семејство може да се опише единствено преку зборот „страв“. Можеби звучи чудно човек да се откаже од егзистенцијата само поради една закана, но од она што на терен го виде екипата на Цивил, во помалите градови во земјава тоа станува „нормална“ појава.

„Подобро да го затворам дуќанот отколку да трпам закани по моите деца или да се соочувам со инспекции и притисоци секој ден“, вели С.Ј.

Ова семејство не знае како ќе се живее понатаму. Велат дека политички ќе се дистанцираат, а размислуваат и да го продадат имотот и да се преселат на друго место, каде што ќе можат да почнат од нула.

На лица со слични судбини наидовме и во Гостивар, Битола, Ресен, Тетово... Граѓаните сведочат дека веднаш по завршувањето на изборите, инспекциите се пуштени во поход. По аптеките, по маалските продавници, низ берберниците... Помалите бизниси, велат граѓаните, се први на удар во постизборниот период.

Дури и исклучувањето на струјата веднаш по изборите е селективно, јавуваат набљудувачите на Цивил врз основа на сведоштва од граѓани.

„Ако не си со нив, ќе немаш струја. Ако си со нив, ќе ти прогледаат низ прсти“, велат нашите извори.

И така, сé до некои подобри времиња, кога неселективноста на институциите и слободната волја на граѓаните ќе дојдат до израз и ќе станат императив на општеството, наместо заборавена алка во демократијата.

Мери Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian