Орданоски: Гласањето на дел од етничките Албанци за СДСМ, ќе биде најбитниот момент во македонската политичка историја!

Д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода, во оваа анализа зборува за причините поради кои е речиси невозможно да се даде вистинска прогноза за тоа, како ќе завршат изборите. Според него, граѓаните масовно лажат во анкетите, и за тоа не треба да бидат обвинувани, оти живеат во недемократска земја и секојдневно се изложени на разни притисоци.

На само неколку недели пред избори, нормално е што македонската јавност е поплавена со разни медиумски и експертски анализи за тоа, кои ќе бидат изборните резултати. Слушаме разни прогнози, предвидувања, претскажувања за тоа кој и како ќе помине во оваа или во онаа изборна единица, или во рамките на целиот изборен процес.

Мојот став е, сепак, поразличен. Сметам дека овој пат е многу тешко и речиси невозможно да се добие вистинска слика и да се дојде до вистинска прогноза за тоа, како ќе завршат изборите, без разлика на мноштвото анкети, што не само партиите, туку и други организации, ги прават во македонската јавност.

За тоа има неколку добри причини.

Прво, Македонија не е демократска земја со години наназад, затоа не може да очекувате во недемократска земја, јавноста да се однесува демократски, дури и на ниво на она што се нарекува јавно мислење. Кога ги гледаме анкетите, сите истражувања на јавното мислење, ние што се занимаваме со тоа, гледаме јасни деформации во ставовите, и тоа во многу повеќе проценти, отколку што се статистичките грешки.  Со други зборови да кажам, луѓето лажат, лажат масовно и за тоа не треба да бидат обвинувани, бидејќи ние живееме во земја, во којашто две години сме под експлозија на „бомби“ за телефонски прислушувања, се изнаслушавме разноразни разговори, во кои високи партиски и државни функционери говорат за разни притисоци, за разни методи на закани и рекетирања кон граѓанството. Па, тогаш, не е чудно, што граѓаните - кога во телефонски анкети се прашани „за кого ќе гласате и кои се вашите политички ставови?“ - масовно лажат! Тоа е првата причина.

Второ, кај нас, политичката криза трае предолго. Во една таква ситуација, нормално е што општеството е растресено, не само на индивидуално, туку и на повисоки општествени нивоа. И поради тоа, имате големи бранови на луѓе, коишто и во овие анкети кои што сега се објавуваат, во голем процент велат дека не знаат, не сакаат или нема да излезат на избори! Тој процент е необично голем, за само неколку недели пред избори и во различни анкети, се движи меѓу 30 и 40 отсто. А, со толкав голем процент на нејасни одговори, не може да направиме прецизна математика, дури и приближна математика за тоа - како ќе се гласа.

Трет фактор е причината што стотици илјади луѓе се иселија од Македонија. Ние немаме реално вистинска слика на теренот, за тоа колку граѓани и колку гласачи има денес Македонија. Избирачкиот список се прочисти, така како што се прочисти, се разбира дека тоа  е далеку од некаква реална ситуација. Но, и тоа е еден факт...

И тоа е еден фактор околу можноста да се проценат вистинските цифри и вистинските проценти за тоа како ќе се однесува гласачкото тело. Исто така, голем фактор е и фактот што за првпат, можеби, во последните десетина години, имаме едно битно раздвижување во двата главни гласачки кампуси, во албанскиот и во македонскиот гласачки кампус. Од една страна, кај Албанците, по цела една деценија, се јавува еден нов бран, една нова опција која оди на тоа да собере гласови од едно навистина големо незадоволство што владее меѓу тоа гласачко тело, од начинот на којшто ДУИ беше вклучена во владеењето со земјата речиси една деценија. Бидејќи се случува за првпат, агендата да не е само етничка, туку е агенда која што е социјална, економска, којашто е за некакви политички права и така натаму. Тешко може да се предвиди во кој процент тоа незадоволство, кое што е евидентно меѓу Албанците, ќе се претвори во гласање за некакви други опции, па меѓу другото, и не само за албански опции. Бидејќи слушаме прогнози дека еден дел од Албанците, дури би рекол позначителен дел, не само неколку стотици, туку и илјадници луѓе може да се случи да гласаат и за СДСМ. Што веројатно ќе биде најбитниот политички нов момент во македонската дваесет и кусур годишна политичка историја - во еден значаен дел да се гласа за опција која не е неопходно етничка.

Кај Македонците имаме еден друг феномен, и тоа е пред сè, оваа појава, сега веќе на еден поорганизиран и поконзистентен начин, на нова десница. Треба да видиме дали тој собир на значајни личности од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, тој повик до оригиналното членство на ВМРО-ДПМНЕ да се гласа за нив, а не за постоечкото ДПМНЕ, кое според нив, а и според многу други анализи, ги има напуштено изворните вредности на историското ВМРО, ќе го привлече гласачкото тело. Ќе видиме како тоа ќе резонира на денот на гласањето. Затоа, мене ми се чини дека овој пат, Македонија  е доведена во ситуација кога ние навистина, би рекол дури на 11-ти декември  околу полноќ, ќе го дознаеме расположението на гласачкото тело во Македонија. Не само затоа што дури и во светски рамки сите истражувања на јавното мнение покажаа големи проблеми и големи неточности во изминатата година. Бројни се случаите на промашени прогнози за исходите на разни референдуми, на разни политички избори и така натаму, па  и кај нас, се наоѓаме во една состојба во која што сегашните истражувања на јавното мнение, според мене, претставуваат точен збир на неточни податоци.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English