Омразата и насилството се криминални и кукавички акти на предавство!

ЦИВИЛ – Центар за слобода го изразува своето згрозување и најостра осуда на актите на насилство во Скопје и другите градови во Република Македонија. Одговорни за говорот на омразата и за повиците на етничко и политичко насилство во земјата се токму структурите на моќта кои сè уште се на власт, а чии високи претставници се под истрага за сериозни криминални дела, злосторничко здружување, тешки злоупотреби и изборни измами.

Криминалните структури повторно се обидуваат да предизвикаат безредија и насилство мотивирано од етничка омраза и политички поделби. Тие ја ризикуваат безбедноста и стабилноста на целата земја, со една единствена цел – да ја осуетат правдата и да го спречат враќањето на демократијата и владеењето на правото во Република Македонија.

ЦИВИЛ го препознава ракописот на авторите на ова сценарио. Јавните повици на насилство ги упатија токму највисоките претставници на владејачката партија, а постапките на нивните коалициони партнери и соучесници во криминалното владеење не заостануваа зад нив во продлабочување на кризата и поттикнувањето или овозможувањето на тензиите.

Се пролеа крв и луѓе завршија во болници со тешки повреди. Се тепаат новинари кои ја вршат својата работа, да ја информираат јавноста за настаните. Тоа е неприфатливо и мора веднаш да престане!

Затоа, ЦИВИЛ го повикува Министерството за внатрешни работи да преземе итни мерки и акции за да се спречи ескалација на насилствата и да спроведе решителна акција да ги пронајде како организаторите и инспираторите, така и сторителите на насилнички акти и да ги изведе пред лицето на правдата сите, без исклучок и селекција. Го потсетуваме МВР на деновите кога истураше тешко вооружени оклопни полициски грамади врз демонстрантите кои навистина мирно протестираа и бараа слобода, правда и демократија. Обезбедувањето на протестите на кои им претходеа отворени повици на насилство е прилично скудно овие денови. Со која цел? Го потсетуваме Министерот за внатрешни работи дека отсуството на прописна законска реакција е рамно на соучесништво, ако не и поттикнување на насилство, за што ќе мора да одговара еден ден.

Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани на Република Македонија да го осудат насилството и сеењето страв и омраза, без оглед на тоа од која страна доаѓа. Бараме од сите свесни и совесни граѓанки и граѓани да придонесат кон враќање на редот и мирот во земјата и да бидат присебни во тешките мигови на оваа последна, црна епизода.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани загрижени за состојбите да споделуваат информации, видео снимки и фотографии со кои ќе биде овозможено разоткривање и спречување на понатамошна ескалација.

Ги повикуваме родителите да не дозволат нивните деца да се вплеткаат во спиралата на насилството од кое нема враќање и со кое нивните деца и тие самите ќе мораат да се носат целиот свој живот.

Ги повикуваме граѓанките и граѓаните на нашата заедничка земја да не подлегнуваат на манипулациите. Не наседнувајте на повиците на лажна одбрана на нешто што не е доведено во прашање, бидејќи во прашање не е ниту одбрана на јазикот, ниту идентитетот, ниту историјата, туку во прашање е уште еден обид да се одвлече вниманието од срамното разоткривање на криминалните структури во нашата земја.

Членовите и симпатизерите на владејачките партии, вработените во јавната администрација, земјоделците, примателите на помош од државата, пензионерите, треба да знаат дека не должат никому ништо, и не треба да дозволуваат да бидат жив штит и инструмент за одбраната на криминалот. Нема причина да мразите никого, а уште помалку да ги браните оние кои се стекнаа со богатство преку злоупотреба и грабеж на јавните добра. Јасно е како ден, еден грст криминалци кои крадеа и живееја раскалашен живот на сметка на сиромашните, сега сакаат истите тие луѓе да ги вовлечат во крваво сценарио.

Ги повикуваме совесните лидери на заедниците и здравите структури во сите политички партии, без оглед на тоа од која страна на политичката палета се наоѓаат, да излезат со осуда на насилството и да преземат чекори кон смирување на состојбите.

Тепањето новинари и недолжни минувачи, не само што е тежок криминал, туку е крајно неморален и кукавички чин!

Да се бара слобода, правда и демократија е возвишена човечка должност и одговорност, не предавство. Да се тепа, мрази и брани криминалот – тоа е предавство!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish