Нов број на “Балкански преспективи”

Форум - Цивилен мировен сервис, граѓанска организација која развива методи и алатки за справување со насилни конфликти, го објави третиот број на списанието за соочување со минатото „Balkan Perspectives“ ("Балкански преспективи").

Во најновиот број читателите можат да се информираат за тоа што е Медика Косово и за расфрланите етнички малцинства во Косово. Исто така, списанието се задржува на лицата  кои претрпеле трауми и наведува насоки за справување со трауми.

“Балкански перспективи” е списание кое е одговор на конфликтните историски наративи во Западен Балкан, и има за цел да презентира алтернативни начини за справување со минатото во Србија, Македонија, Косово и во Босна и Херцеговина. Нуди платформа за регионалните и локалните актери кои се посветени на изнаоѓање начини за соочување со минатото. Списанието се објавува квартално на четири јазици: македонски, албански, англиски и српски.

Покрај објавувањето на списанието “Балкански преспективи”,  Форум - Цивилен мировен сервис, ја развива и платформата “Dealing with the Past” („Соочување со минатото“). Платформата функционира како регионален вебсајт кој се фокусира на теми поврзани со соочување со минатото во Западен Балкан, и е отворена за сите засегнати страни.

11139401_546521175502273_2053298914685305398_nФорум - Цивилен мировен сервис, е формиран е во 1996 година и има за цел промовирање на општество каде конфликтите се решаваат без насилство. Нивната идеја е поддржана од 38 организации и брои повеќе од 150 индивидуални членови.

Дел од работата на Форум - Цивилен мировен сервис е лоцирана на Западен Балкан, каде по војните во Југославија, се појави потреба од организации што работат на полето на соочување со минатото, како начин за надминување на проблемите и механизам за избегнување на воени конфликти во иднина. Во овој дел од нивната работа, ЦИВИЛ - Центар за слобода е организација со која Форум - Цивилен мировен сервис долорочно соработува.

Соочувањето и справувањето со минатото во државите од Западен Балкан е процес кој се уште не е завршен. Публикацијата “Соочување со минатото”, која ЦИВИЛ ја подготви во соработка со Форум - Цивилен мировен сервис, ја објаснува потребата за континуирано соочување со проблемите од минатото и во Македонија. Како што е наведено во публикацијата, процесите кои се локално вкоренети и се водени од локални актери, имаат најголем капацитет да ги остварат бараните предуслови и да придонесат кон конструктивно и идноориентирано справување со минатото на национално ниво.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian