Села: Ќе протестираме секој ден се додека Албанците не ги добијат своите права

Денеска во Скопје се одржа протест на Албанците, во организација на Здружението на поранешни албански политички затвореници во Македонија, една од организациите на ветераните на ОНА, Народна демократска партија (НДП), Движењето за реформи во ДПА и неколку други организации и здруженија. Поворката се движеше од Бит - Пазар до Собранието на Република Македонија.

По пристигнувањето пред законодавниот дом, демонстрантите извикуваа: „затвор за Али Ахмети“, „убијци“, „УЧК“...Мал дел од масата неколкупати извика „етничка Албанија“, но овие скандирања веднаш спласнаа.

DSC_0295

Зијадин Села, претседателот на Движењето за реформи во ДПА, изјави дека Албанците во Македонија чекале 25 години за да си ги остварат своите права и дека секој ден ќе протестираат се додека не ги добијат. Тој истакна дека дел од барањата на денешниот протест се да се воведе двојазичност во сите институции и Албанците да ги уживаат сите права во Македонија.

Лидерот на НДП, Весел Мемеди, рече дека Албанците чекале 25 години плурализам и дека конечно е дојдено време да бидат рамо до рамо со Македонците и да ги уживаат истите права.

Пред Собранието имаше илјадници Албанци, кои протестираа мирно. Демонстрантите се разотидоа околу 16 часот.

 

Print Friendly, PDF & Email