НЕ ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ПРИДОНЕСИ ЗА ХОНОРАРИ! НЕ ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА!

Цивил – Центар за слобода во целост го поддржува и учествува во организацијата на протестот против законските измени за плаќање придонеси за хонорарите, кој ќе се одржи на 22 декември (понеделник), со почеток во 12:00 часот. В сабота, на 20 декември, во паркот „Жена борец“ ќе се одржи отворен состанок на кој граѓаните ќе можат дополнително да се информираат за законските измени, последиците од нив и потребата од гласен приговор.

Ваквата наметната општествена состојба кога граѓаните немаат право на глас е крајно дискриминирачка и целосно неприфатлива. Ваквото однесување на владата не треба и не смее да се толерира. Затоа Цивил ги повикува сите граѓанки и граѓани да се придружат на протестот и да се приклучат кон барањата:

1. Да се стопира воведувањето на законот за задолжително плаќање на придонеси за хонорари!

2. Да се стопира прикриениот работен однос преку засилена контрола на инспекциите!

3. Да се покачи или целосно да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.

Зошто сме против најновите законски решенија на владата?

Затоа што:

Сиромаштијата ќе се зголеми!

Ќе се зголеми невработеноста!

И вработените ќе станат хонорарци!

Ќе се плаќа и даночи двојно!

Само  првиот пензиски столб ќе се полни!

Хонорарците ќе немаат исти права како вработените!

Ова е дискриминација!

Воведувањето на овој закон од 1 јануари 2015 година значи зголемување на невработеноста и сиромаштијата.

Не секој има можност да биде вработен. Во Македонија има невработени и  долгогодишни хонорарци кои се борат да добијат статус на вработени. Граѓаните веќе се принудени да преживуваат кој како стигне во борбата за парче леб. Со овој закон им се овозможува на газдите да ги отпуштат своите вработени или да ги направат хонорарци. Дополнително имаат можност да  манипулираат со платите, а секако ќе следи нивно намалување. Со овој закон не се предвидуваат боледувањата, годишните одмори, односно работничките права кои следуваат по законот за редовен работен однос. Веќе вработените ќе треба да плаќаат двојно, данок врз данок, ако случајно заработат некој хонорар плус.

А што добиваат со тоа? Ништо, ама баш ништо!

На ваков начин не се добива ниту една дополнителна услуга од системот, ниту здравствена, ниту социјална. Овој закон нема да важи за пратениците, функционерите, судиите, пензионерите, со што се прави  очигледна и дрска дискриминација со дополнителни поделби на граѓанките и граѓаните и ќе се продлабочи клиентелизмот во  земјата.

Не можеме да го дозволиме ова! Веќе сме сиромашни, веќе има премногу невработени и  дискриминирани.

Print Friendly, PDF & Email