АЈДЕ! - ПЛАТФОРМА ЗА ГРАЃАНСКА ПОЛИТИКА

Пред Собранието на Република Македонија, денеска, 123 граѓани и граѓанки ја промовираа платформата за граѓанска политика – АЈДЕ! Членовите на АЈДЕ, седнати на столчиња наспроти Собранието, а пред споменикот на АСНОМ, симболично им порачаа на пратениците, но и на власта дека граѓаните се извор на суверенитетот и дека демократијата не е можна без активни, слободни и здружени луѓе. Дискутирајќи за тоа дека политиката им припаѓа на граѓаните, претставниците на АЈДЕ истакнаа дека оваа платформа претставува неформална, но организирана група слободоумни поединци со различни идеи и ставови, која сака да ги зајакне и здружи расцепканите демократски сили во земјата. 

Марјан Забрчанец нагласи дека АЈДЕ има намера да ги поддржи граѓаните слободно да размислуваат, слободно да говорат, слободно да коментираат и да креираат политики и слободно да бараат подобра власт. АЈДЕ, порача тој, од овој момент станува отворена платформа кон која може да се приклучи секој заинтересиран индивидуалец. АЈДЕ ќе се развива и гради од внатре, ќе им помага на заедниците и ќе се конфронтира со штетните политики на властите.

1

Артан Садику повика: „Ајде да ѝ кажеме „доста е!“ на најголемата социјална неправда во Европа. Ајде да се бориме заедно и солидарно за општество на достоинствен живот и еднаквост на сите. Можеме и мораме да го одбраниме општеството од оркестрираната кражба, од нападот врз најранливите и сиромашните. Ајде да ја вратиме насмевката на лицата на нашите браќа и сестри, комшии и пријатели, сограѓани и деца.“

За Билјана Гинова, дојде ден да се исправиме, и јасно и гласно да му се противставиме на угнетувањето кое го пригушува крикот на граѓаните: „Ајде заедно да ја направиме оваа држава безбедна за сите нас, без страв дека некој ќе нѐ нападне зашто сме жени, педери или лезбејки. Без страв дека нема да ја поминеме границата и ќе ни стават две цртки во пасошот, затоа што сме Роми. Без страв дали ќе обезбедиме гола егзистенција за нас и нашите деца ако сме стечајци или хонорарци.“

Елизабета Секирарска, пак, истакна дека мора многу да се зборува за образованието, затоа што станува збор за сериозно заболен организам кој не може да се затскрие зад флоскулата „ова се опции за системско подобрување на квалитетот на образованието.”
Акиф Кариман зборувајќи за младите и нивната бесперспективност во државата рече: „Ајде да преземеме одговорност за подобрување на политиките кои се однесуваат на младите. Ајде да бараме повеќе шанси за вработување на младите. Ајде да бараме алтернативни решенија и механизми за да останеме во Македонија. Ајде да ги подобриме условите во кои живееме“.

Зборувајќи за меѓуетничките односи, Петрит Сарачини истакна дека на власт имаме мултиетничка коалиција која ја крепи машинерија базирана на интереси, пари, непотизам, корупција, страв, насилство, сервилност, криминал, кражба на народни пари. „Последното прибежиште на оваа машинерија лежи во псевдо-патриотизмот, во мобилизирањето на националистичките страсти. Затоа, ајде, да се сплотиме! Овој систем може да се победи само ако сме заедно, искрено и со меѓусебна почит“, заклучи Сарачини

На крајот, иницијаторите на АЈДЕ им порачаа на граѓаните: „Меѓу нас секогаш имало и ќе има луѓе кои гласно зборуваат и се противставуваат на неправдите и на насилството. Придружете ни се да ја разобличиме ароганцијата на лажните патриоти. Затоа што само оние кои учествувале во освојувањето на слободата, ќе знаат и во иднина вистински да ја ценат.“

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian