Најчевска: Пратениците ја дезавуираат Јанева, наместо да се фокусираат на извештајот на СЈО!

Собранието во моментов е арената каде власта повторно ги фрли копјата, обидувајќи се на сите можни начини да ја дезавуира и дисквалификува специјалната обвинителка Катица Јанева, наместо да се фокусира на фактите во извештајот за досегашната работа на СЈО.

Највисокиот законодавен орган во државата личи на театарска сцена на која се одвива пародија во режија на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните политички партнери. Наместо судска разрешница за кривичните дела кои произлегуваат од аферата ’Прислушување’, што меѓу другото е и еден од условите за излегување од долготрајната политичка криза во која се дави Македонија, ситуацијата станува сé посложена. На оваа тема разговаравме со правниот експерт, професорката д-р Мирјана Најчевска.

 

ЦИВИЛ Медиа: Како ја оценувате моменталната состојба во македонското Собрание. Специјалната јавна обвинителка бара пратениците да гласаат за донесување законски регулативи кои нема да ја ограничуваат работата на Специјалното Јавно обвинителство и ќе гарантираат заштита на сведоците во одредени постапки. Наместо фокусот да биде на кривичните дела, пратениците ја исмеваат обвинителката Катица Јанева. Ова е целосно изместување на ситуацијата и политичката криза од нејзината оска. Кој е Вашиот коментар?

НАЈЧЕВСКА: Ова што ни се случува денес во парламентот е одраз на сѐ она што претставува апсурд во нашето општество. Апсурдот на непостоење вистински парламент како највисоко законодавно тело, за што доказ е и потребата од партиско договарање за најбитните работи, партиски градења на одредени параметри, партиско заклучување на одредени партиски структури коишто ќе бидат придодадени на самиот систем, наместо да се употребат телата и институциите кои, по логиката на нештата, би требало да ги донесат овие решенија и каде што би требало да се водат овие расправи.

Доведени сме во ситуација, телото прогласено за неспособно да води расправа и да донесе соодветни решенија што би можеле да ја извлечат Македонија од политичката и правната криза, сега да биде тело пред кое треба да дава отчет еден орган како што е Специјалното Јавно обвинителство, односно да ги правда, објаснува своите постапки. Многу беше за очекување и многу беше јасно дека ќе дојде до една ваква ситуација, кога луѓето, како и поради свои фрустрации, така и поради енормната партизираност и партиската наредба, всушност, ќе се обидат да ја поткопаат и разнишаат независноста токму на оваа институција која е замислена како нешто што треба да го започне процесот на разрешување на политичката и правната криза.

Мирјана Најчевска, професор

ЦИВИЛ Медиа: Дали сметате дека е време за граѓански протести за поддршка на СЈО?

НАЈЧЕВСКА: Лично сметам дека во ниту еден процес не треба да запре граѓанскиот активизам. Сметам дека граѓаните уште кога започнаа преговорите, рекоа дека будно ќе следат сé што се случува и дека ќе реагираат секогаш кога ќе забележат дека постои било закочување или дезавуирање на процесот. Во моментов, за она што го гледаме како наводна расправа за извештајот на СЈО, а што воопшто не се занимава со самиот извештај, туку само се обидува на лична основа да дезавуира една или повеќе личности, мора граѓанскиот сектор да реагира, односно, да ги врати работите во колосек.

ЦИВИЛ Медиа: Дали напредува реализацијата на пржинскиот договор и создавањето услови за предвремени парламентарни избори?

НАЈЧЕВСКА: Многу малку напредуваме, многу се мали, незначителни поместувањата... Но, имајќи го предвид долгиот период на зачмаеност, секое поместување, па и она милиметарско поместување, многу го ценам и мислам дека треба да продолжиме во таа насока.

ЦИВИЛ Медиа: Ќе има избори на 11-ти декември?

НАЈЧЕВСКА: Сметам дека треба да има избори, дури и независно од тоа дали се или не се исполнети сите услови, поради тоа што мора да се направи некакво придвижување за да излеземе од рововите во кои во моментов сме закопани.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email