Граѓански лов на фантоми

По објавувањето на Избирачкиот список онлајн, граѓанките и граѓаните се дадоа во лов на фантомите во изборниот процес.

За само еден ден, до ЦИВИЛ пристигнаа многубројни признанија за откритијата на фантомските гласачи во изборните циклуси во 2013 и 2014 година, но и голем број пријави дека на нивните адреси се наоѓаат лица кои не живеат таму, починати или, пак, дека ги нема на списокот. На YouTube каналот на ЦИВИЛ се објавени низа случаи во кои набљудувачките тимови на ЦИВИЛ открија фантоми во живеалиштата на голем број граѓанки и граѓани низ цела Македонија.

ЦИВИЛ – Центар за слобода веќе подолго време работи на откривање на слабостите на Избирачкиот список и ги прибира сите податоци од овој вид. Со оваа нова алатка, Државната изборна комисија ја отвори можноста и за граѓанско учество во отстранување на фантомските гласачи од изборниот процес. Дел од тимот на ЦИВИЛ веќе пронајде фантоми на своите адреси и тоа го документира.

ЦИВИЛ ќе ги достави сите свои сознанија за слабостите на Избирачкиот список до ДИК, а воедно ги повикува граѓанките и граѓаните да го сторат истото. Овие случаи може да се пријават и во ЦИВИЛ со принтскрин и со кратка белешка за што се работи. Вашите пријави за фантомски гласачи, како и други проблеми и нерегуларности може да се пријавуваат на [email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830.

ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“, „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian