На неполн месец до изборите, Избирачкиот список не е прочистен!

Изборната кампања ќе започне за пет дена, а изборите, веќе нема дилеми, ќе се одржат на 11-ти декември, наспроти сите сомнежи, дури и на експертско ниво, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на овие парламентарни избори.

Избирачкиот список којшто треба да биде валиден, сепак, на само три недели до изборите, не е прочистен. Државната изборна комисија (ДИК) обзнани дека по спроведениот јавен увид, дополнителната можност за пријавување, во текот на спроведувањето на јавниот увид, ја искористиле вкупно 1.517 граѓан(к)и, чии записи, по спроведените статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции и теренски проверки беа утврдени како спорни. Според тоа, овие 1.517 гласачи ќе бидат запишани во Избирачкиот список.

Но, според ДИК, спорни остануваат записите на дури 28.341 избирач и тие не се запишуваат во Избирачкиот список.

Заклучоците на ДИК беа предмет на реакции на граѓани, меѓу нив и на јавни личности и експерти кои што се избришани од Избирачкиот список, иако не ја смениле адресата на живеење со години.

Со несмалено темпо продолжуваат и реакциите на граѓан(к)ите од сите страни на Македонија, до ЦИВИЛ. Тие пријавуваат присуство на „фантоми“ на нивните адреси, дури и по заклучоците од ДИК дека Избирачкиот список е чист.

Измина една недела откако побаравме одговор од Одделот за односи со јавност на ДИК, за „фантомите“ од ресенското село Долно Перово. Според жителите од ова населено место во Општина Ресен, во единствениот Избирачки список се запишани, покрај мештаните - околу 150-ина жители, дополнителни 60-мина, за кои жителите немаат сознанија дека воопшто го посетиле селото. Меѓу „фантомите“, велат, се и граѓани на соседна Албанија, Мала Преспа.

Иако во ДИК и вчера инсистираме на одговор, а денеска телефоните на портпаролите „молчат“, одговор за овој случај - нема.

Во меѓувреме, стигнуваат пријави дека „фантоми“ има и во Сопотско. Граѓанка од Битола пак, посочи дека во нејзиниот стан има избирач за којшто доаѓаат сметки за радиодифузна такса, а избирачка од Прилеп, вели дека на нејзината адреса има „фантом“ за кого доаѓаат сметки за осигурување.

Јасно е дека Избирачкиот список не е прочистен. Но, нејасно е зошто партиите кои претендираат да ја освојат власта, не реагираат на ваквите аномалии, и натаму присутни манипулации и злоупотреби на граѓаните. Особено зачудува молкот што по ова прашање доаѓа од опозиционите партии.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email