Државната изборна комисија ги потврди анализите на ЦИВИЛ

„Технички изборите може да се спроведат, меѓутоа проверка и пречистување на избирачкиот список не може да спроведе што значи дека не може да се обезбеди ниту избирачки список во кој сите ќе имаат доверба“ – изјави Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски за јавноста денеска, по консултациите со водечката политичка четворка, а на иницијатива на медијаторот Питер Ванхауте.

Оваа констатација се совпаѓа со анализите и препораките на ЦИВИЛ во претходниот период, сублимирани и во анализата од 10 јануари 2016 година.

Преку изјавите на Џабир Дерала, Синиша Станковиќ, Билјана Еверет, Марија Теговска и други претставници на ЦИВИЛ за бројни национални и локални медиуми, како и преку бројните соопштенија, извештаи, анализи и препораки, организацијата уште од самиот почеток на овој процес предупредува дека роковите се кратки и дека во овој момент нема ни минимум услови за спроведување слободни избори на 24 април, термин закажан со договорот за надминување на политичката криза во Република Македонија. Експертите Александра Јозиќ-Илековиќ и Сашо Орданоски во изјавите за ЦИВИЛ ги споделија своите ставови кои се совпаѓаат со анализите на организацијата.

Во своите анализи ЦИВИЛ бараше институциите и медиумите да се ослободат и да работат независно и многу напорно, како и тоа да се отворат кон ресурсите кои ги нуди граѓанското општество. Тоа не се случи. Состојбите во земјата дополнително се усложнија со интензивирањето на партиско-политичките кампањи и злоупотребите на медиумите и јавните ресурси и администрацијата по потпишувањето на политичкиот договор.

„За оваа операција се потребни 85 дена или речиси три месеци“ – изјави Чичаковски денеска – „Во овој момент, методологиите сѐ уште не се усвоени, а до 5 март остануваат 48 дена, што значи дека ние уште сега сме во задоцнување од 37 дена“.

Чичаковски тврди: „Во овој краток рок проверката на избирачкиот список може да биде импровизација и со таква постапка нема да добиеме кредибилен избирачки список и кредибилни избори.“

„Технички избори може да се организираат во било кое време“ – вели Ванхауте, објаснувајќи дека токму тоа е позицијата на комесарот Јоханес Хан. „Парламентот треба да ја има предвид кредибилноста на овие избори. За кредибилни избори, не само избори заради избори, потребен е пречистен избирачки список.“ – нагласи меѓународниот медијатор кој препорачува прво да се прочисти  избирачкиот список, а потоа да се организираат избори.

Останува прашањето дали изјавите на експертот и претседател на Државна изборна комисија Александар Чичаковски, медијаторот Питер Ванхауте и комесарот Јоханес Хан сега ќе бидат спинувани и ќе бидат обвинети дека се под влијание на ЦИВИЛ.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English