Тортевски: Зошто Панчевски досега не преземал ништо против судиите кои правдата ја распродаваат како во гранапче?

„Изјавата на претседателот на судот, Владимир Панчевски, дека 'секој судија во Основниот суд Скопје 1 е дуќанче, секој судија е чешмичка, чешмичките им се затворија, па затоа се бесни',  само отвора нови дилеми, во смисла доколку тоа е точно, зошто тогаш тој како претседател, досега не презел ништо против судии кои правдата ја распродаваат како во обично гранапче?“, вели за ЦИВИЛ Медиа, адвокатот Александар Тортевски.

tortevski

Александар Тортевски, адвокат

Тој прашува зошто Панчевски чекал досега и зошто на ваков начин реагира дури откако 15 судии го дигнаа гласот против злоупотребата на Судот.

„Нивната реакција е коректна бидејќи тој упорно го злоупотребува Судот и официјалниот сајт на судот, за неговите лични пресметки“, потенцира Тортевски.

А претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, професорот Гордан Калајџиев, на барањето за коментар на случувањата во Основниот суд Скопје 1, за ЦИВИЛ Медиа, кратко одговори: „Не ми е ново“.

Откако 15 судии од Основниот суд Скопје 1, со петиција побараа од Судскиот совет да го спречи претседателот Панчевски да го злоупотребува официјалниот вебсајт на судот за приватни цели и да не го валка угледот на судиите од овој суд, Панчевски за порталот Сакамдакажам.мк, изјави дека „секој судија во Основниот суд, Скопје 1 е дуќанче, секој судија е чешмичка. Чешмичките им се затворија, па затоа се бесни“.

 

pancevski-670x398

Владимир Панчевски, претседател на Основен суд Скопје 1

Во Кривичниот суд Скопје 1, се случи и инцидент во кој вербално и физички била нападната портпаролката на Судот од нејзин колега, за кого, тврдејќи дека има фотографии кои потврдуваат дека е опозиционер, Панчевски коментира: „Знаете како е, каменот од блиску доаѓа. Овој човек имаше и порано испади, а јас сакајќи да го смирам неговото поведение, го унапредив дури три скалила“.

Панчевски се пожали на порталот Телеграф.мк, дека скандалот со нападот на раководителот на Одделот за човечки ресурси врз портпаролката на судот, а чија опачина биле токму ставовите и обвинувањата за работата на претседателот на судот, бил веројатно политички мотивиран: „Ова што се случува е трагично за целиот судски систем. Се прашувам дали некој ова намерно го прави, дали некој само додава масло на огнот. Одеднаш ескалираа работите. Претпоставувам дека ова е некаква режија, но во која кујна се готви, не можам да шпекулирам“

Што навистина се случува во Судот чиј претседател признава, дека „правењето испади“ било критериум за скокови во кариерата, ќе треба да и објасни на јавноста самиот Панчевски. Засега, тој излезе со став дека не можел да знае „какви сѐ карактери има меѓу 400-темина вработени во Основниот суд Скопје 1 и дека не може да знае дека до овој степен може некој да биде насилник на работното место“.

А претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, за порталот сакамдакажам.мк изјави дека ќе ја испитува веродостојноста на изјавата на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, бидејќи тој можеби има докази за корумпирани судии.

Од друга страна, околу Панчевски се нижат скандали секојдневно, од поднесувањето на кривичната пријава против него до Основното јавно обвинителство, од судијата за прекршоци Иван Џолев, за незаконско влијание на претседателот на судот врз судија за носење одлука, до уривањето на дивоградба во центарот на градот од локалните власти, за кое повисоката инстанца се изјасни дека не било според законот, а Панчевски најави големо отштетно барање.

Професорката Мирјана Најчевска во „Фокус“ пак изјави дека „тоа што почнаа да се раздвижуваат работите во судовите и сé повеќе да излегуваат на виделина методите на работа во изминатите години, според мене, е една од најзначајните пресвртници во процесот на реанимација на македонската демократија. Потполното уништување на судовите и корумпирањето на судиите беше/е алатка на секоја диктаторска власт. Ослободувањето од партискиот диктат може да се случи единствено, ако голем број судии застанат во одбрана на правото и на достоинството на сопствената професија. И секако, доколку тие исти судии изберат такви контролни механизми за самите себе, кои ќе оневозможат повторување на ситуацијата која ја живееме денес“.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email