Не е проблем законот, туку оние кои го спроведуваат!

Интервју со Иџет Мемети, Народен правобранител

Иџет Мемети е правен експерт, на повеќе одговорни функции во државата, меѓу кои и министер за правда во 2001 и 2003 година. На позицијата Народен правобранител е избран во 2004 година, а мандатот повторно го добива во 2012 година.

Во ова интервју, Народниот правобранител Мемети ја идентификува одговорноста за состојбите во земјата во оние што треба, а не го спроведуваат законот.  Според него, политичката ситуација и кредибилитетот на институциите во земјава водат кон кршење на човековите права. Мемети говори за недоследноста на институциите и непочитување на законите кои треба да обезбедат слободни, фер и демократски избори.

Каква е состојбата на човековите права и слободи во контекст на политичката ситуација во Република Македонија?

Прво, би сакал да нагласам дека секаде, а исклучително во општествата каде има многу различности и постои проблем со ефективно функционирање на институциите на системот, доаѓа до поголемо прекршување на човековите права и слободи. Во општества во кои не владеат законите, во општества во кои институциите се партизирани до таа мера каде што граѓаните сметаат дека таквите институции немаат кредибилитет, секако дека до израз доаѓа помасовно прекршување за човековите права и слободи. А од друга страна, институциите кои што треба од тие прекршувања да ги штитат или да делуваат превентивно, тие бледнеат од разни причини.

Според тоа, секако дека политичката ситуација во Македонија и кредибилноста на институциите влијаат врз тоа да има повеќе прекршувања на човековите права и слободи. Од друга страна, институциите за превенција, промоција и заштита на човековите права, не можат ефикасно да ги штитат.

Се поставува прашањето: зошто е тоа така? Затоа што немаат можност за добра комуникација и професионално постапување. Секако дека ова што го кажав го потврдуваат документите односно предметното работење кај Народниот правобранител. За разлика од другите институции во регионот, во институцијата Народен правобранител во Македонија е двојно зголемен бројот на граѓани кои бараат заштита од неа. Секако дека оваа појава - зошто граѓаните бараат заштита во сѐ помасовен број, треба да се истражи темелно за да се дојде до здрав и добар заклучок.

Каква е политичката култура на граѓанките и граѓаните во контекст на изборните процеси?

Во Македонија помина подолг временски период во кој што општеството требаше да вложува многу во надградбата и на формалниот систем и на реалното спроведување на избирачкиот систем. Ако се тргне од позиција дека избирачкото право е фундаментално и од тоа колку е тоа слободно, колку е тоа тајно, колку е тоа овозможено без никакво влијание да се остварува, толку поквалитетна власт ќе имаме, односно, толку покредибилна власт ќе има општеството. Со ова сакам да нагласам дека ако гледаме наназад, низ кои циклуси помина Македонија, тешко може да се каже дека општеството вложи напори на граѓаните да им овозможи да имаат поголема верба во изборните процеси.

Секогаш, во сите процеси имало сомнежи, секогаш биле ставени под знак прашалник, а политичките елити ретко признавале пораз. Вие се сеќавате дека во Македонија сме имале и жртви при изборните процеси! Се сеќавам кога беше пратена во Собранието на Република Македонија и Бела книга за избори која многу кажува. Во тоа време, јас бев еден од тие што ја подготвија Белата книга. Со ова сакам да кажам дека се уште има потреба општеството да вложува во промоција на важноста на избирачкото право, затоа што тоа право е на граѓаните.

Во каква состојба е избирачкото право?

Од една страна е формалниот аспект. Правната регулатива во однос на избирачкото право во Македонија не е идеална, секогаш може да биде подобра и да се надгради. Но, и тоа што е поставено, не се спроведува како што треба. Последната година, 2014-та, кога беа изборите, еден од ретките извештаи што посебно внимание посветува на избирачкото право е оној на Народниот правобранител.

Ние од предметното работење констатиравме и препорачавме дека и покрај тоа што законот ги утврдува процедурите, органите кои го спроведуваат законот не се моќни, односно немаат добар кредибилитет за законито постапување. Ќе изнесам еден пример, кој ние како институција го детектиравме како проблем. Не се проблем нормата, односно законот, туку органите кои не одлучуваат според законот, туку само по сопствена волја, затоа што така сакаат.

Многу се зборува за Избирачкиот список, а со закон е утврдено дека Државната изборна комисија е таа што одлучува кого ќе го има таму, а кого ќе го нема. Реално што се случува таму: ДИК излегува со соопштение од контра-реакцијата на Народниот правобранител, дека тие се немоќни затоа што МВР е тоа што ги прави списоците. Има можност да се лоцира кој точно го прекршил законот. Ако во Избирачкиот список го има граѓанинот, а од друга страна, има несовпаѓање на општиот избирачки список, прво ДИК е одговорна, зашто не успеала квалитетно и законито да го среди и исчисти списокот. Има и други причини.

Сите знаеме дека ДИК е составена од политичките елити, не е професионална до крај, а таму и со гласање се одлучува. Таму се донесуваат одлуки кои граѓаните не ги прифаќаат. Омбудсманот е должен да укаже на овие аномалии на системот.

Ја користам оваа прилика да укажам дека Македонија има потреба од формална надградба на правниот систем. Од друга страна, поголем проблем се органите кои ги спроведуваат законите, затоа што институциите се партизирани.

Каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија?

Јас не гледам проблем кај изборниот модел. Тоа е исклучиво право на тие што ги носат правилата на однесување, односно на Собранието. Не е проблем да договараат каков изборен модел сакаат, битно е да овозможат граѓанинот, како единка, без никакви проблеми, квалитетно и слободно да го оствари фундаменталното право што го има.

Слушам некои различни идеи дека на Македонија ѝ е потребен нов изборен модел. Според мене, тоа се политички изјави и не би сакал да ги коментирам, сметам дека не се толку важни.

____________

Интервјуто е направено во рамките на проектот Моето гласачко право кој го спроведува ЦИВИЛ – Центар за слобода од 21 јануари 2015 година. Во проектнио сегмент – Истражувања, под наслов „Познавање на гласачкото право, изборните процеси и човековите права“, ЦИВИЛ им испрати идентични прашања на четири експерти кои се истакнаа со своите јавни настапи во оваа сфера: омбудсманот Иџет Мемети, активистката за човекови права Мирјана Најческа, професорот Јове Кекеновски и аналитичарот Мерсел Биљали.

 

Print Friendly, PDF & Email