Кежаровски: Сите заедно да ја дадеме поддршката на „Утрински весник“!

„Во екипата на 'Утрински весник' бев од самиот почеток. И сите случувања во тој весник тешко ми паѓаат. Без оглед на тоа колку новинари ќе се отпуштат и дали ќе се отпуштат, јас тоа некако поинаку го доживувам, затоа што едноставно, 'Утрински' го чувствувам како нешто свое“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, новинарот Томислав Кежаровски, по повод денешните настани во компанијата Медиа Принт Македонија и најавата за притисоци кои можат да доведат до гаснење на уште еден македонски медиум.  

„Во 'Утрински' му созревав како новинар, таму беа моите почетоци, таму се врзани дел од моите успеси во новинарството. Сé што се случува таму, го чувствувам како да ми се случува на мене, врз своја кожа. Она што се сака да се постигне со 'Утрински весник' во моментов, што се сака да се постигне со новинарството впрочем, според моето гледиште, е  - сакаат да наметнат една нивна политика и да се затвори тој последен бастион, да речеме, на отпорот кон оваа власт, кон овој режим. Доколку се случи затворање на 'Утрински весник', веќе нема да има разноликост во медиумите. Ако некаде имаше барем трошка разноликост, наоѓавме во одделни текстови во 'Утрински весник', во извесни колумни. Ако се затвори медиумот, ќе бидеме сведоци на момент, кога ќе го читаме само она што ќе ни биде сервирано од владејачката структура. Не знам какви ќе бидат одлуките на моите колеги. Се оди дотаму, дека ќе се прават и протести. Јас, од мое име, ја повикувам целата слободоумна јавност, сите оние кои мене ми дадоа поддршка во насока на слободата на говорот и слободата на мислење, ги повикувам сите заедно да ја дадеме поддршката на 'Утрински весник'! Затоа што само на овој начин ќе покажеме дека ни се потребни вистински новинари“.

На прашањето на ЦИВИЛ Медиа за неговата оценка за постапката на менаџментот на МПМ кон „Утрински весник“ во предизборниот период, Кежаровски одговори: „Мојот впечаток е дека ова е некаков 'геноцид' што се прави врз новинарството. Не може поинаку да биде сфатено. Самата одлука да се истера буквално, според тие проценки колку се вработени и колку треба да се истераат, секој трет човек, тоа е како да направите геноцид. Тоа е нешто што некогаш се правело во, условно речено, концентрационите логори, па секој трет човек треба да оди пред стрелачки вод. Кои се тие критериуми? Како ќе бидат оценети луѓето кои што треба да се најдат на листата за отпуштање? Ова што се случува во 'Утрински весник', за жал, го имам поминато, почувствувано врз своја кожа. Тоа ни се случи во 'Вечер'. Дел од медиумите ја спомнуваат ТВ А1, но да ги потсетам сите, да ја потсетам целокупната јавност дека отпуштањето на новинарите и тие масовни менувања на уредувачките структури во медиумите, почнаа во почетокот на 2006 година, кога од 'Вечер' бевме отпуштени дваесетина новинари. Дваесетина искусни новинари кои во тоа време беа на позиции, кој уредник, кој заменик уредник... Премолчувањето на овој случај веќе значеше крах за новинарството“.

Моника Талеска

Камера: Ермин Климента

Print Friendly, PDF & Email