Станковиќ: Битката за „Утрински“ е битка за слободното новинарство!

„Ова не е борба за опстојување на вработените. Ова е едноставно кажување – не, на лошите политики кои се водат и затоа, ние ќе се бориме до крај. Значи, ние не ја креираме генералната политика на компанијата, ние ја креираме политиката на весникот. Како што не сакаме да ја креираме политиката на Медиа Принт Македонија, така не сакаме да ни кажуваат како да функционира весникот!“, изјави во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, новинарот на „Утрински весник“ Љубиша Станковиќ, лидер и на синдикалната организација. Тој зборува за конфронтацијата со сопствениците на компанијата МПМ, кои ги уцениле вработените со барањето – отпуштање на десетина новинари или гаснење на весникот

ЦИВИЛ Медиа: Што се случува во „Утрински весник“, која е вистината, што се крие зад намерите на медиумската компанија МПМ?

СТАНКОВИЌ: Финалето на случувањата се денешните настани, кога синдикатот и сите вработени, застанавме зад тоа дека ниту еден од вработените не смее да биде избркан од работа и дека весникот мора непречено да излегува и понатаму. Видете, ситуацијата со „Утрински весник“ трае веќе со години наназад, од 2011 година кога почнаа во етапи да се бркаат новинари. Мислам дека сега е прелиена таа чаша и доста е! Повеќе нема да дозволиме ниту еден да биде избркан од работа. Имавме ситуација пред неколку месеци, кога ни беше кажано дека ќе се намалуваат плати за да не бркаат луѓе, но ни се случија и намалени плати и беа избркани вработени!. Летово го доживеавме истото. Повторно беа тројца колеги отпуштени. Двајца технички уредници и еден новинар. Еве, сега, повторно имаме понуда или-или. Или гаснење на весникот, или десет души надвор! Ние нема да застанеме зад тоа дека треба да биде било кој избркан. Уште помалку, дека весникот треба да престане да излегува. Никој не се согласува со оваа одлука. Ако почнеме да ја бараме генезата наназад, еве да речеме петнаесет–дваесет дена, ќе ви кажам дека токму Синдикатот беше тој што побара средба со менаџментот. Беше одржана каква-таква средба, и верувајте, ден-денес ништо немаат одговорено на елементарните синдикални барања за плати и за она што во суштина ги тишти вработените. Напротив, немаме добиено ниту записник дека е одржана било каква средба.

Веќе наредниот ден, на барање на Срѓан Керим, сите синдикални претставници, не само од Утрински, туку и од „Вест“, „Дневник“, „Македонски спорт“ и од „Теа Модерна“, бевме на средба и ни беше кажано дека компанијата не планира да отпушти ниту еден вработен, а најмалку новинар! Ни кажа дека постои некаква програма за санација наречена „Turn around“. Ни објасни дека станува збор за засилување на маркетингот, засилување на дистрибутивната мрежа... Тоа се некои нивни работи кои ги предвидуваат, дека ќе ја стартувале новата печатница и дека фирмата треба да тргне напред. Според неговите зборови, оптимистичката варијанта е дека во април–мај наредната година, фирмата ќе застане на свои нозе, а песимистичката е некаде на есен, во септември–октомври. Тоа важеше до минатиот вторник, бидејќи вчера бевме повторно викнати на средба, од директорката Јана Станисављева. На средбата беше присутен повторно д-р Керим и ни беше кажано дека ситуацијата е крајно лоша и дека само од „Утрински“ ќе бидат избркани десет работници. Не ни беше кажана точна бројка, туку дека она што треба да ни се соопшти, ќе ни го соопшти главната уредничка. Бидејќи таа има дискреционо право да размисли 24 часа - дали да се согласи на ставање на клуч на фирмата или да се бркаат луѓе! Уредничката не знам што ќе одговори, но ставот на вработените и на Синдикатот е дека не смее да биде отпуштен никој. Значи, добивме тотално дијаметрално спротивни ставови од она што претходно ни го презентираше д-р Керим. Наместо задржување на луѓето, засилување на фирмата, влегување во некои други нивни проекти, сега добивме информација дека фирмата е во крајно лоша кондиција и претпоставуваме дека не е ова случај само со „Утрински“, туку претпоставуваме дека тоа утре ќе се одрази, не дај Боже, и на другите весници. Ние рековме дека е доволно, и дека е доста. И, зад оваа одлука не стои само „Утрински“, туку ќе застанат и другите весници, бидејќи истата судбина веројатно ќе ги чека и нив.

ЦИВИЛ Медиа: Што значи тоа?

СТАНКОВИЌ: Знаете, сега ние сме ставени во една или-или ситуација. Ние нема да се согласиме дека од 36 вработени, колку што ги има во „Утрински весник“, тука е и техничкиот персонал од секретарка, до фоторепортери и преведувачи, да бидат избркани барем третина, односно, десет луѓе. Весник во суштина не може да функционира со дваесет луѓе! Тоа што некој лошо менаџира е проблем на менаџерскиот тим и тоа не е наша работа.

ЦИВИЛ Медиа: И по цена да згасне весникот?

СТАНКОВИЌ: Ние нема да дозволиме. Ние ќе бараме начин весникот да не згасне. Меѓутоа, нема да дозволиме да биде било кој избркан.

ЦИВИЛ Медиа: Како го толкувате овој чекор, оваа одлука на МПМ кон вработените во Утрински весник, кон овој ултиматум?

СТАНКОВИЌ: Тоа е класичен ултиматум. Take it or leave it. Но, ние нема да се согласиме со таков ултиматум. Значи, досега ги трпевме сите тие ултиматуми. Бевме сведоци, бевме под притисоци, меѓутоа, мислиме дека сега се преминаа сите граници и дека понатаму нема повеќе да прифаќаме ултиматуми од тој тип.

ЦИВИЛ Медиа: Со кои се проблеми се соочуваа вработените во Утрински изминатиов период?

СТАНКОВИЌ: Верувајте дека прво, не е пријатно чувството кога ќе дојдете на работа, некој да ви каже дека ќе се подготвуваат листи за отпуштања, па технолошки вишоци и така натаму... Доаѓате на работа буквално оптоварен со работи кои што не се работа на новинарот. Втора работа, имало интервенции, имало менување страници, имало сé, но тоа не случува само во „Утрински“, тоа се случува и во другите весници. Можеби и подрастично! Значи, весниците во суштина, како и да не ги интересирале. Битна е содржината што ќе излезе во весникот.

ЦИВИЛ Медиа: Значи промена на уредувачката политика?

СТАНКОВИЌ: Значи, „Утрински весник“ си држи некоја константа од првиот број, од 1999-та до 2016-та, и не дозволува поголемо вмешување од страна. Иако можам да кажам дека имало ситуации на новинари да им се влезе во текстови, да им се интервенира.... Сведок сум, сум бил дел од тоа и сум почувствувал на свои текстови како тоа изгледа.

ЦИВИЛ Медиа: Колку е тешко да се издржат овие притисоци за да се остане на страната на објективното новинарство?

СТАНКОВИЌ: Тешко е, меѓутоа сите овие луѓе се со цврста заложба дека ќе останат на тоа, дека ќе информираат само онака како што знаат да информираат, објективно и чесно. Знаете, ова не е борба за опстојување на вработените. Ова е едноставно кажување – не, на лошите политики кои се водат и затоа ние ќе се бориме до крај. Значи, ние не ја креираме генералната политика на компанијата, ние ја креираме политиката на весникот. Како што не сакаме да ја креираме политиката на МПМ, така не сакаме да ни кажуваат како да функционира и весникот!

ЦИВИЛ Медиа: Со оглед дека и досега се вршеле притисоци да се интервенира во уредувачката политика, дали оваа одлука на МПМ, во период пред избори, е уште еден атак, со држење под контрола со редуцирање на кадрите и ставање на објективното новинарство во канџите на власта?

СТАНКОВИЌ: Па, сето ова води кон тоа. Мислам дека намерите се весниците да преживеат до изборите. За понатаму тешко.

ЦИВИЛ Медиа: Која порака ја испраќате до колегите, и вашите и од другите медиуми кои што се дел од МПМ?

СТАНКОВИЌ: Мојата порака ќе биде дека ова не е проблем само на „Утрински весник“. Ова е порака до сите медиуми, особено до младите новинари, да не дозволуваат сопствениците да управуваат со нив и со медиумите. Тие се новинарите, тие се гласноста, тие се оние кои ја информираат јавноста. Да не бидат пропагатори, туку да бидат информатори. Ова не е битка за „Утрински весник“, ова не е битка за МПМ, ова е битка за слободното новинарство.

Моника Талеска

Камера: Ермин Климента

Print Friendly, PDF & Email