Како прилепската секција на ВМРО го бранеше Иванов во Скопје?

Според извештаите и сведоштвата од теренот, контрапротестите на 13, 14 и 15 април ги организира власта, преку злоупотреба на институциите на локално ниво. Така, само на 14 април, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп наполни 7 автобуси и 6 минибуси со контрадемонстранти кои во попладневните часови тргнаа за Скопје.

ЦИВИЛ побара, но не доби официјална информација од ОК ВМРО-ДПМНЕ, за бројот на членовите и мотивите за учеството на контрапротестите во Скопје.

Според информациите од сведоци вработени во дел од институциите на локално ниво во Прилеп, со кои разговараа тимовите на ЦИВИЛ, најголем број од учесниците во контрапротестите се вработени во образовните институции.

„Денеска некои вработени не дојдоа на работно место, задоцнија на часови, а другите се жалеа дека се многу уморни по вчерашните контрапротести во Скопје“, сведочат вработените во некои од овие установи.

Пред почетокот на најавените контрапротести во Скопје, низ чаршијата се говореше дека на дел од членството му било наложено употребат шишиња, камења и други тврди предмети во текот на протестите. Оваа информација не беше потврдена, но остануваме отворени за сведоци кои ќе приложат докази за овие гласини.

ЦИВИЛ разговараше и со неколку револтирани граѓани.

„Како може овие партиски војници кои одат на ваков протест, да ги учат нашите деца?! Наставници кои застануваат во одбрана на криминал, корупција, беззаконие... се срам за образовниот систем. Тие треба веднаш да бидат избркани од работа, зашто веќе немаат морално право да бидат педагози.“

Print Friendly, PDF & Email