Европските дипломати бараат реформи во медиумите и поддршка за СЈО

Работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое што е формирано од четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино, не смее да биде изложена на јавна конфронтација! Работата на СЈО треба да биде неприкосновена, а реформите во медиумите се императив! Ова се заклучоците на европските дипломати коишто денеска учествуваа на меѓународна конференција „Справување со корупцијата и заробената држава во Југоисточна Европа“ во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ) и Центарот за изучување на демократијата (ЦСД). Од друга страна, според Специјалната обвинителка Катица Јанева, којашто имаше свое излагање на конференцијата, од исклучителна важност во борбата против корупцијата во македонското општество е да се обезбеди вклученост на граѓанското општество.

Според европратеникот, Иво Вајгл кој е известувач за Македонија, член на Европскиот комитет, СЈО треба да биде целосно и безусловно почитувано. Тој препорача на Специјалната обвинителка да ѝ се дозволи непречено да работи. Од друга страна, како што рече Вајгл, оваа не е политичка институција и не треба да биде дел од јавна конфронтација за политички прашања, туку треба да се избере јазик, методи и позиции според нејзината судска функција и јазикот на правото.


„Во овој особен момент, сметам дека телото за борба против корупција во Македонија треба да продолжи да ја извршува својата работа. Но, сметам дека е најважно, да се види политичката желба на сите политички играчи во Македонија, за да се победи корупцијата. A, некои од нив треба да се борат со корупцијата во својот двор. Борбата со корупцијата е една од задачите на секоја демократска држава и секоја држава којашто сака да биде членка на ЕУ. Знам дека корупцијата е еден од сериозните проблеми во оваа земја, и тоа се повторува во сите извештаи на Европскиот парламент. Ова само една од темите, кои ќе се опфатат на денешната конференција. Но, Македонија треба да направи прогрес и во однос на други теми, на патот кон нејзиниот влез во ЕУ. Најнапред, тука се изборите на 11-ти декември, исполнувањето на обврските преземени со Договорот од Пржино во врска со реформите, и секако, способностите и подготвеноста на сите политички партии да соработуваат по изборите, да бидат транспарентни и демократски, согласно со стандардите на ЕУ“, акцентираше Вајгл.

Според директорот на економската програма од СЕЛДИ И ЦСД, Руслан Стефанов, директор на економската програма од СЕЛДИ и ЦСД корупцијата е проблем во сите држави во Југоисточна Европа. Ако земјите претендираат да припаѓаат на европското семејство, тогаш има две големи институции кои што се одговорни и треба да функционираат во борбата против корупцијата. Од една страна се судството, Обвинителството, судиите, судовите, зашто граѓаните имаат право да ја знаат вистината. И втората страна се медиумите, слободни, независни, информативни и истражувачки медиуми, кои треба да ја кажат вистината за општествената реалност.


„Кога ќе ја погледнете ЕУ, САД..., секаде има одржлив напор за да се намали корупцијата. И една од работите кои што, не ги гледаме доволно во државите од Југоисточна Европа, е политичката акција што се очекува. Ако се погледне работата, она што го направил граѓанскиот сектор во Македонија, има многу различни обиди да се отворaт институциите, да се воведе поголема транспарентност, да им се дозволи на граѓаните да знаат што повеќе за тоа што се случува во институциите... Но, ова треба да биде направено на политичко ниво, од парламентот, од Владата, од опозицијата... И секаде во државите од Југоисточна Европа, не само во Македонија, има мала политика акција во борбата против корупцијата“, смета Стефанов.

Според Специјалната обвинителка Катица Јанева, којашто имаше свое излагање на конференцијата, од исклучителна важност во борбата против коурпцијата во македонското општество е да се обезбеди вклученост на граѓанското општество. Само така, смета Јанева, ќе се обезбеди транспарентност, одговорност и отчетност на институциите.

DSC_0028

 

„Сакам да потенцирам едно исклучително прашање коешто се однесува на кривичната одговорност на политичките партии, во кое како клучни спротивставени интереси се појавуваат интересите на правдата и интересите на демократијата... Новите тенденции укажуваат на тоа дека индивидуалната казна и казнена одговорност не е сепак, доволна. Некои казнени дела се извршуваат од името на колективот и на задоволувањето на неговите интереси. Поради тоа, се смета за праведно да се казни целиот колектив, како таков, а не само неговите поединци. Таков интерес на правдата постои во поглед на политичките партии“, рече обвинителката Јанева, повикувајќи се на член 122, став 6 од Кривичниот законик на РМ.
Во извештајот што врз основа на опсежно истражување го презентираше МЦМС, стои дека во Македонија, како една од државите од Југоисточна Европа, корупцијата се наоѓа на петто место на листата општествени проблеми. Граѓаните на Македонија, се чини, дека се оптоварени многу повеќе од политичката криза, сиромаштијата, егзистенцијалните проблеми, па митото и корупцијата го избираат и како еден од полесните и побрзи начини за остварување на своите цели и решавање на проблемите кои произлегуваат на патот низ институциите на системот.

14441075_10153984496743106_8480134789686741227_n

„Генералната слика е дека корупцијата останува на петто место во Македонија, иста состојба како и во 2014-та година. И медиумите помалку известуваат на оваа тема. Државната комисија за спречување на корупција, пред 5-6 години добиваше преку 1.000 претставки, што не е случај последната година на политичка криза во државата. Но, за оваа состојба придонесуваат и други фактори. Можеби поради целото социо-културно опкружување, граѓаните едноставно не пријавуваат мито и корупција, иако се соочуваат со притисок, само околу 7 отсто од анкетираните кои се судриле со овој проблем, се одлучиле да пријават. Можеби причина е прашањето на итност, зашто поткупот и митото се најлесни начини и за решавање на нивните проблеми. За да се реши или барем ублажи овој проблем, треба и актуелизирање на прашањата во јавноста. Во моментов, граѓаните на Македонија, заедно со граѓаните на соседна Албанија, се најпесимистички ориентирани граѓани, кои немаат капацитет и волја за да се справат со проблемот на корупцијата“, изјави Емина Нурединоска, раководител на Одделот за граѓанско општество при МЦМС.

Моника Талеска 

Print Friendly, PDF & Email