Дарко Лешоски, поет: Уметниците платени да премолчат се најстрашни!

Дарко Лешоски е поет, кој со своите стихови ги помести границите на македонската современа поезија и успеа да ја доближи до публиката, особено на социјалните мрежи. Навидум срамежлив и повлечен, а сепак важи за еден од уметниците кои секогаш јасно го изразуваат својот став, па дури и по цена да бидат жестоко критикувани.

По повод завршниот концерт на Караванот на слободата кој ќе се одржи на 1-ви октомври, Лешоски подготви мало изненадување за скопската публика. Со него разговараме за уметноста и слободата.

 

ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе претставува слободата?
ЛЕШОСКИ: Мене лично, интимно, ми претставува мерка за човечност, исто како да ме прашате што претставува хуманост. Еднаш кога разговарав со дедо ми за тоа кој колку е слободен да си каже нешто, некако директно, алузивно ми објасни дека слободата е како чувство за чистота. „Ако за мене чаршафов е чист, за баба ти, можеби не е“.

ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот жртвува за слободата?
ЛЕШОСКИ: Оние уметници кои за мене се пример за уметник, мислам дека жртвувале сé, дури и животот.

ЦИВИЛ Медиа: Дали во Македонија постојат општествено ангажирани уметници?
ЛЕШОСКИ: Постојат платени и постојат, би рекол, неплатени уметници. Ангажирани се двете страни. Но, мислам дека во Македонија има уметници кои се платени и да премолчат. Мене тие ми се најстрашни.

ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака до Караванот на слободата?
ЛЕШОСКИ:
Мислам дека живееме во едно многу бурно и пресудно време. Би ги повикал сите да си кажат што мислат, да изградат свој став. Да го кажат својот став. Без разлика дали е исправен или не, за било чии мерила. Би порачал да си кажат што им лежи на душа, без страв!

Print Friendly, PDF & Email